Мето Јовановски „БУДАЛЕТИНКИ“ Чакарвелика беше излезена со плетало во дворот од анот да ги попечи коските на жешкото летно сонце. По дворот околу неа кокошките го отпретуваа ѓубрето што не беше исчистено откако кацна фронтот rоpe на Пелистер и во анот муштерии навраќаа од новина на погибел. Портата стоеше подотворена како што остана кога од градот се тргна војската. Алето, засушено, веќе одамна не смрдеше. Чакарвелика се печеше овде на сонце и се плашеше од зимата кога ќе треба да се прибере во анот усамено да го слуша крцкањето на вратите и душемињата дури во мозокот. Мажот, да не му се опчади, ја остави на годината откако го купија анот и така таа од Велика стана Чакарвелика, ќepкa ѝ се омажи во некое село, а синот еве четири години служеше нечија војска. Како што плетеше мислеше на тоа до која длабина во коските ѝ допрело сонцето и зошто веќе не почне да се поти. А тие двајцата, Шишман и Србин, како сеништа стоеја пред неа и чекаа да ги види. Едниот шишкав, црномурест и намуртен, другиот мршав, русикав и само си ја преџвакува насмевката на усните. Чакарвелика ја крена раката на челото и ги загледа. Да ѝ гледаа очите подобро, можеби ќе ги препознаеше. Вака им ги здогледа бечвите шајакни што беа во кројот како од нејзиниот, а палтиштата на нив како најдени некаде. Им ги препозна и торбите со кои беа вовезани преку рамо. Кога најпосле виде оти што немтурите не ќе зинат, им рече: – Кое добро бре златни? – Ние... – веднаш на тоа подвикна Шишман, црномурестиот и покусиот, ама како да го пресече нешто. Молкна и туку погледна во Србина како преплашен да не згрешил нешто. На тоа Србин, русикавиот, ѝ рече на Чакарвелика: – Стринче, ние од печалба се враќаме. Од Влашко. Дојдовме ако се може да преспиеме вечерва па утре да го фаќаме патот преку Баба. – И на одење пред три години ние тука спавме, – расмеано откачи Шишман. – Демек така, – присторе Чакарвелика и го собра плеталото во скутот. Па пак праша: – А од каде бевте вие? – Од Брезница, стринче, – рече Србин. На Сотира Витанов сум јac, ако го знаеш. А чоеков... – Јас сум му братучед нему. Шишман. Шишман на Котета Шајков – весело извика Шишман. – Убаво да сте живи – рече Чакарвелика и почна да го тутка плеталото во скутот. Потоа ги праша: – Ви дојде времето да се вратите и се враќате, а? – He, стринче, – рече Србин, – ама нè собраа тамо во конзулатот бугарски војска да сме оделе и така скоро година порано ce враќаме. – Ние од дома во војска не сме пуштени, – свика Шишман. – Сигурно, – рече Чакарвелика. – А на одење мака не видовте? – На одење, стринче – рече Србин, – Србите нè фатија... –... И нè облекоа – рече Шишман. – Ама им побегнавме – заврши Србин – Се погодивме блиску до Влашко. – Дотука сте имале cpeќa, – рече Чакарвелика. – Зошто дотука? – скоро налутено праша Шишман. – Зашто не знам како ќе си одите до Брезница, – рече Чакарвелика. – Хи-хи-хи, – кусо се искикоте Шишман со истенчен глас каков што од неговото грло не би се очекувал. – Преку планина, – рече Србин. – На Грива ќе поминеме. Ние Брезничани секогаш преку Грива минуваме. Некако посложно ни е. Секогаш кога сум минувал cyм се прашувал зошто вашите Ливаѓани одат пpeкy Непртка. Сигурно секој свој пат си имаме. – Ја, – подрече Чакарвелика, го пристутка плеталото во скутот и не кревајќи ја главата кон нив си рече во градите: – Убаво сте смислиле, деца, ама вие дома не ќе можете да се вратите. Оти фронт е, војна. Војска ги има затнато сите патишта за натаму. Секаде по сртот е топ до топ. Отаде се Србите и Французите, а одоваде Германците и Бугарите. Пиле не може да прелета. Србин и Шишман веднаш штом сфатија што им вели Чакарвелика, ги свртеа полека главите назад кон планината како да ќе видат нешто од тоа што го чуја. Видоа само неизвесност и ги вратија погледите кон Чакарвелика кoјашто им беше единствената надеж. Србин ја цраша: – Сега! Сега ти, мајче, што нè учиш? – Што да ве учам, што да ве карам, – рече Чакарвелика. – Сте ме нагазиле, седете тука, спијте. За јадење – не знам. Ама и тоа не е грижа зашто за многу кусо време ќе ве фатат па ќе проживееме некако. – Кој ќе нè фати? – свика Шишман. Чакарвелика малку премолче па го праша Србина: – Сигурно блиска рода сте, а? – Од две сестри деца сме, – рече Србин. – Знаев, – рече Чакарвелика. – Затоа се носите еден со друг. Братучедите чекаа некое време. Шишман гледаше во Србина како да чека да види дали нешто е крив или не. Србин за цело време де ќе голтнеше на суво де ќе се поднасмевнеше. Кога грлото му ce доисуши, праша: – А што рече за фаќањето, мајче, кој ќе нè фати? – Бугарите, синко, ќе ве фатат. Денес сè што е на нозе – војник е. Ова досега – среќа ви било, а за тоа што иде сега да не молиме. Спањето ќе ви биде онаму на чардакот. Кокошките сами ќе се тргнат на една страна. Спијте колку што душа ви сака, ама кога ќе се разбудите фаќајте се за некоја работа. Еве дворот е за никаде, а што не ќе се сетите сами, јас ќе ви кажам. Ете така, – рече Чакарвелика и стана од столчето да си оди внатре. Србин ја праша: – А со фаќањето, мајче, што правиме? Чакарвелика ниту подзастана, ниту се подзаврте. Продолжи да ги влечка нозете низ сламичиштето и туку рече колку да ја чујат: – И за тоа, деца, кога ќе дојде времето, ќе ви кажам. Братучедите, како што седнаа на чардакот така без збор и зачудени мрак ги фати. Одвреме-навреме од улица ќе чуеја луѓе да зборуваат или некој со налани по калдрмата ќе затропаше, а неколку пати и коли поминаа. Во дворот ни жива душа не влезе. До пред мракот кокошките долу во дворот и тука по чардакот претаа, а сега се прибраа по гредите и повремено се слушаа како офкаат од починка. Кога во мракот пак удри градскиот саат, не разбраа колку е ама си рекоа дека е време за спиење па се одвалија на сламата и заспаа со дланките под главите. Утринaта зрак сонце ги фати и преплашено станаа. Не побрзаа да се фатат за работа. Разгледаа, се почудија и почнаа од чардакот каде што спиеја. За тие неколку дена растребија и расчистија како на времето спроти пазарен ден. Чакарвелика како да живна. Се разоди низ анот и по дворот, самата за работа се фати; децaтa како аргати ги хранеше: со појадок, со ручок, со ужина и со вечера ги гостеше од она што го имаше или некаде го наоѓаше. Кога завршија со дворот, влегоа во анот, од таванот почнаа, во готварницата се собраа да ручаат заедно со Чакарвелика. Тука таа изваде баурче со ракија. Поручекта, братучедите седеа молчејќи на гредата под тремот, а Чакарвелика на столчето среде дворот пак со плетало си ги печеше коските. Србин и Шишман си знаеја дека сега е дојден редот нешто друго да чујат па скоро штутејќи чекаа. И Чакарвелика знаеше дека веќе треба да им каже, но не знаеше како. Беше по ужина време кога таа неочекувано подвикна: – Србине! – Повели, мајче! – рече Србин. Чакарвелика плетејќи си го плеталото рече: – Србине, не чини тоа што се викаш Србин! – А како да се викам мори мајче, – праша тој. – Бугарин ќе се викаш, – рече таа. – Така да знаеш. – Добро, мајче, – рече Србин. Чакарвелика ја истера иглата до крај и не стави нова. Го изваде преденото од преку вратот, го собра на клопчето, го фати со иглата за плеталото и стана. Влезе дома, но бргу се врати со рацете на појас. Нишајќи се, дојде блиску до братучедите, но не продолжи кон нив туку сврте кон портата и дури тогаш подзастана. – Запамети, – му рече на Србина. – Ти Бугарин ќе се викаш. – Запаметив, мајче, – рече Србин. – Мајче, – неочекувано подвикна Шишман. – Зарем многу брзо треба да запамети? – Веднаш да запамети, – рече Чакарвелика, – зашто јас еве сега одам да ве јавам на Бугарите та со добро да ве земат ако ве имаат за земање. Братучедите се погледнаа. Чакарвелика остана на местото да ги почека да речат ако имаат нешто за велење. Србин проговори: – Добро, мајче, – рече. – Штом е подобро со доброволно, така нека биде. – Господ нека ви е на помош, – рече Чакарвелика, се прекрсти со главата поткрената кон небото и излезе низ порта. Братучедите останаа да чекаат. Не се ни поместија од местото. Дури по едно време, Србин се ведна, фати со прстите една сламка, ја потокми од двете страни и почна да ја штрбка со ноктите. Шишман тоа како да го потсети што треба да прави. Ја подаде десната нога напред и од џебот на бечвите извади излитена кутија од боја. Србин знаеше што се случува, но го гледаше братучедот што прави без збор. Го виде како го сотре кутивчето од бечвите да го избрише, како го отвори, дувна во двете капачиња и пак го затвори. Тогаш Шишман рече: – Брачко, мислам оти пак ќе ме фаќа страв. Да ставам едно камче во кутивчево, ако не ми се лутиш? – Стави, – рече Србин. Двајцата се загледаа пред себе да видат погодно камче, но немаше. Шишман стана по погледот да бара понатаму, а по него и Србин. Тргнаа така преполовени по дворот вртејќи се в лево и в десно околу себе и оддалечувајќи се еден од друг. Така веднати дојдоа до горната авлија и тука свртеа упатени еден кон друг. Повремено нешто наоѓаа и го задржуваа или незадоволни го фрлаа. Кога дојдоа глава во глава застанаа, клекнаа, се погледнаа. Двајцата ги испружија отворените дланки со камчиња и почнаа да го бараат најпогодното камче. Шишман, самиот нерешителен, го зеде камчето што му го одбра братучедот Србин. Внимателно го стави насреде кутијата и ја затвори. Камчето внатре затропа и Шишман радосно го погледна братучедот. – Хе-хе, – присторе Шишман. Тогаш на портата се појави Чакарвелика. Таа напред, а еден бугарски фелдфебел со мустаќи по неа. Братучедите, вчудоневидено загледани, полека се исправија на нозе. Шишман внимателно ја спушти кутијата со камчето во џебот. Бидејќи знаеја што ги чека, се стегнаа, се затресоа. Камчето во џебот на Шишман тропна, но впечаток не направи. Чакарвелика меѓувремено го донесе фелдфебелот до нив. Се најдоа очи в очи, тој пред нив, тие со грбовите скоро на ѕидот од авлијата. Фелдфебелот ги стави рацете на грбот, ги подрасчекори нозете со бели објала препашани со опути, ги поднаду градите за да го постави првото прашање како што треба, ама од тоа и Шишман се подисправи божем мирно по војнички да застане и камчето во џебот тропна, а градите на фелдфебелот му се подиздисаа. Тоа го пресече фелдфебелот, но ништо не рече. Брзо дојде пак на себе и рече: – Значи, вие сте тие. – Ние сме, – рече Србин. – Ние сме, – рече и Шишман. – Аха, – рече фелдфебелот. – А кој од вас двајцата е Бугарин? – Двајцата, господине, – потскокнувајќи на место рече Шишман, од што камчето во кутивчето во џебот му затропа. Поради тоа фелдфебелот не успеа да се налути туку само се збуни. Сега зеде воздух и јасно праша: – Прашувам кој од вас двајцата се вика Бугарин? – Јас господине, – рече Србин. – Аха, – рече фелдфебелот. Го засука мустаќот, се премести од едната нога на другата. Се виде дека сака да каже нешто важно па Шишман тоа го вознемири и исто така се премести од едната нога на другата и камчето во неговиот џеб пак тропна. Фелдфебелот го погледна, се прибра и со далеку помирен глас од што мислеше рече обраќајќи му се на Србина: – Госпожата ми објасни сè во врска со твоето име. Тие мрсници се способни на сè. Тие, како што може да се види од твојот случај ви ги менуваат имињата за доказ дека вие божем не сте Бугари... – Така е, господине, – рече Шишман. – Но ништо нема да им помогне на тие мрсници. Доказ за тоа е оваа ваша готовност да... Камчето во џебот на Шишман тропна од што нозете му се затресоа сами од себе. – Ама што ти е тебе, – налутено рече Бугаринот. – Ништо, господине, кутивче. – Кутивче со камче, – објасни Србин. Шишман го извади од џебот. Тропањето се смири кога тој го зеде меѓу палецот и показалецот и го стопори како да му го подава на фелдфебелот. Овој беше очигледно љубопитен но не се решаваше да го земе. – На, господине, – рече Шишман. – Види го ако сакаш. – Види го, види го, – рече Србин. – Хм, – присторе Бугаринот. – Еве, – рече Шишман за да го разувери до крај и ја отвори кутијата, му ја покажа отворена, го заигра камчето внатре, кое сега во отворена кутија не тропаше толку примамливо. Фелдфебелот одеднаш како да сфати. Строго рече: – Ја прибери ја таа играчка бре. Гледаш дека за најважни работи зборуваме, – рече тој. – Значи, – продолжи тој, – госпожата мене ми објасни сè. Затоа тргнувајте со мене. Ќе имаме време и повеќе работи да си кажеме. Госпожа, – се сврте тој кон Чакарвелика. – Госпожа, отечеството Бугарија ви благодари. – Голема работа, – натегнато рече Чакарвелика. Сега веќе требаше да се тргне. Србин и Шишман се погледнаа после бавно вртење на главите еден кон друг, се поздравија со Чакарвелика и тргнаа по фелдфебелот. Шишман ја напика раката во џебот и го стегна кутивчето за да го задуши тропањето и да ја задржи возбудата што го имаше обземено. Кога излегоа низ порта, Чакарвелика зад нив трипати се прекрсти за здравје на децата. Мора Чакарвелика добро да ја свршила работата та што толку брзо и лесно Србин и Шишман се најдоа облечени во униформи на бугарски војници, со лавчиња на мусите капи и валани објала со опути на нозете. Само пушки не им дадоа. На фронтот ќе добиете, им рекоа. Братучедите послушно правеа сè што ќе им се речеше. Одвреме-навреме се погледнуваа со подотворени усти и чекаа што уште ќе им речат. Им стана јасно дека одат право на фронтот. Ги копкаше само големиот запечатен плик за кој им рекоа да го чуваат како очите и негибнат да го предадат во единицата каде што требаше да се јават. Последно што ги прашаа беше дали сакаат тука да ручаат или да им дадат сува храна и да тргнат. Братучедите на тоа се погледнаа под веѓи и рекоа дека ќе земат сува храна. – И така на манџи ние не сме навикнати, – рече Србин. – Не сме, – рече и Шишман. На пладне го фатија џадето од градот нагоре. Кај првата чешма застанаа, ги отворија торбите да ручаат. По патот нагоре и надолу минуваа главно војници; одеа повеќето пешки, но се видуваше и по некое магаре или маска, а помина и една кола прегната со волови. Наидоа и неколкумина селани веројатно од околните села, но ниеден не застана на чешмата. Ќе поздравеше со кревање на раката и со веднување на главата и заминуваше понатаму. Братучедите кога ручаа го прибраа јадењето и не станаа да го продолжат патот. Останаа тука без да си речат макар и збор сè додека не наиде еден селанец, пристар, кој наврати да се напие вода. Тој дојде до чешмата, подзастана пред двајцата војници и кога се увери дека немаат што да му замерат, пречекори напред и од рака се напи вода. Кога ја забришуваше устата Србин му рече: – Ти, чичко, од овдешниве села си? Стариот малку се зачуди, ги погледна двајцата па ги праша и тој: – Што, вие нашенци, а? – Нашенци. Тука од преку планината. – Ја, – присторе стариот. – Многу блиску ве донеле, – рече тој. – Блиску, – рече Србин, – ама ... Стариот пак фати да ја брише устата од замисленост. Праша: – Ама што? Србин покажа со раката кон планината зад грбот: – Ова е сè фронт! Стариот ги погледна едниот па другиот. Разгледа околу себе. Ги погледна двајцата уште еднаш и рече: – Деца, – рече, – штом како човек ме прашувате, како на луѓе ќе ви кажам: преку планина ни пиле не може да прелета. Освен човек да е со среќа, – рече тој. – Така си е, – рече Србин. – Ја, рече стариот на тоа. – Туку, – рече тој, – сакав да ве прашам од кое село преку планинава сте, ама бидејќи ни вие не ме прашавте можеби подобро да се разделиме како да не сме се виделе. – Подобро, – рече Шишман. Стариот веќе беше доста одминат кога братучедите решија да се погледнат под веѓи. Ги кренаа рамената еден кон друг и станаа да го продолжат патот. Одеа полека, нога за нога. Ако ги стемни, ќе ги извадат ќебињата што ги имаа преку рамо и ќе се кутнат во некоја од ливадите крај патот. Ако стасаат – ќе стасаат. Сега, молчешкум, секој за себе, размислуваа за пликот што в пазува го носеше Србин. Шишман на братучедот се надеваше. Се воздржа макар што да рече, ама сè почесто и почесто погледнуваше кон Србина. Најпосле Србин рече: – Ништо. – Зашто? – праша Шишман. – Така, – рече Србин. – Што вреди да се мачиме да го отвораме кога ни јас ни ти не знаеме да читаме. – Видиш, – рече Шишман. – Добро оти ти текна. Бадијала ќе го расипевме пликот. Продолжија. Нигде не ни мислеа да застанат да починат. Ако ги видат да седат, некој може да почне да ги распрашува што и како и во зборувањето нешто да згрешат. Затоа одеа колку што личеше пополека и не можеа да се пожалат дека се измориле. Затоа на нивното око ништо не можеше да им побегне. Со погледи го прошетаа местото над патот сè до сртот горе на планината, но ништо не се гледаше. А знаеја дека таму некаде е фронтот, две војски една спроти друга и поради тоа толку многу ќутеа што им се чинеше дека секој момент може некој топ случајно или намерно да згрми и да ги преплаши. Како што сонцето веднуваше кон заод така тишината стануваше послегната. Одеа сè поблиску еден до друг, а ако некој наидеше со време ја фаќаа спротивната страна на патот за да се припоздрават од далеку и да не влезат во разговор. Штом ќе останеа сами гледаа пак кон сртот на планината. Гледаа толку многу што едно време Шишман не се воздржа да рече: – Брезница е веднаш тука зад ридот, а? Србин уплашено го погледна да не случајно братучедот да покажува со рака па успокоен му рече: – Така ти се чини. Голема нагорнина е, а шумата густа. – Така ќе е, – рече Шишман, – ама мене, како што бев загледан, ми се присторе оти е блиску. – Далеку е, – кусо рече Србин. – Далеку е, – се согласи Шишман и малку му беше тажно во душата што почна разговор што не беше за зборување. Тоа тој го знаеше по неприфаќањето на Србина. Тие толку малку мислеа на селото во кое беа упатени што скоро се изненадија кога пристигнаа. Селото уште не се гледаше, но братучедите сетија познат мирис и како некои гласови на луѓе и добиток да дочуја. Тоа ги возбуди и нозете како да почнаа да им се сечат. Шишман шмркна, рече: – Брачко. Да не ќе ми треба едно камче за во кутивчето, а? – Ех. Не верувам, – рече Србин. Продолжија. Патот одеднаш сврте в лево спуштајќи се кон некоја река. Кога го изминаа завојот братучедите го здогледаа селото целото во зеленило и некако потставено под планинскиот стрмолок. Излегоа сосема од завојот и зачуја како реката бучи, некаде под патот рикна теле во потрага по мајка си. Сонцето на зајдување им блесна во очите при судирот со острото сечило на хоризонтот горе на планината и по неколку чекори влегоа во сенка. Превезот од чад над куќите меѓу зеленилото стана видлив. Мислата за она што може да се случува под покривите и во зеленилото им скорна копнеж и во душите им рашири тага што подболуваше. – Јас, – рече Шишман скоро решително, – ако најдам некое згодно камче ќе го земам. Србин без збор застана и се зашугали околу себе гледајќи долу на земја. – Еве, – брзо потоа рече Шишман. Србин се исправи и тргна напред кон селото велејќи: – Ако не мораш, не го ставај веднаш во кутивчето. – Добро, – рече Србин. Зад некои високи грмушки патот скршнуваше в десно. Бучењето на реката се слушаше сè посилно и посилно. Штом свртеа зад грмушките се најдоа пред дрвен мост и права улица натаму до некаде каде што веќе не се гледаше поради заодот на сонцето. Долу под мостот, од онаа страна на реката, во пералиштето, десетина војници се переа. По улицата натаму наидуваа на групи наседнати војници и по некој пристар селанец седнат или меѓу војниците или некаде настрана. Ги упатија кон висока, голема куќа со два балкона еден врз друг, целата малтерисана, бела, врамена во сини оптоки. Сигурно гурбетчиска. Таму, пред портата, ги запре стражар. Почна да ги распрашува кои се и што се, но брзо му секнаа прашањата во главата па повлече некакво јаже после што во дворот се оѕва ѕвонец, чиниш потплашена коза спрснала да бега. Во дворот га пресретна војник застанат чекорум пред нив. Во едната рака имаше јаболко, а со ножето во другата сечеше фелчиња и ги принесуваше в уста. Меѓу залаците ги изговараше зборовите. – Зборувајте, зборувајте, – им рече тој вртејќи со раката во која го држеше ножето. Немаше време ни да прашува од што очигледно му беше сеедно. Кога го дојаде јаболкото, внимателно го избриша ножето со два прста, го затвори, го прибра в џеб, ја забриша устата со рака и ги сотре дланките од панталоните. Меѓувремено уште џвакаше. – Почекајте, – им рече на братучедите откако им го зеде запечатениот плик и се изгуби во куќата. Братучедите стрпливо чекаа избегнувајќи да се загледуваат околу себе за да не видат нешто што не смеат зашто стражарот што беше пред порта скоро не тргаше очи од нив. Србин, онаков сув и висок, стоеше како светец, а Шишман се преместуваше од едната нога на другата постојано подметнувајќи го увото пред Србина како да чека овој нешто да му каже во доверба. Србин без да трепне гледаше во вратата чекајќи го војникот да се врати. Војникот, неочекувано, ги викна од првиот балкон. – Еј, – им присторе и им намавна со рака да се качат горе. Братучедите, Србин напред Шишман по него, влегоа во куќата и се искачија по дрвените вртени скали на катот каде што ги пречека војникот. Им ја покажа вратата каде што требаше да влезат и се тргна настрана да им направи пат. Братучедите зачудено го погледнаа. Тогаш тој, за да им помотне, се пресегна и тропна на вратата, па пак се истави настрана. Сега братучедите, не сфаќајќи, се погледнаа еден со друг, а и се исплашија малку кога чуја како некој однатре свика нешто. Војникот им ја отвори вратата и пак се истави од патот. Спроти вратата во одајата, зад гостинската долга маса, седеше гологлав офицер во лицето како некое берберче, со кноки мустачиња. Шишман со стравопочит веднаш се загледа во строгиот изглед на неговата капа што како добро куче стоеше на масата пред офицерот, поткрената на фурашката како на предните нозе. Србин се сети да салутира и го мушна Шишмана со лактот в ребра од што тој се исправи како отпуштен федер зинувајќи да каже нешто, но во тој момент му ги снема зборовите од главата. Берберчето малку ги погледа и праша: – Кој од вас е тој несреќник? – Двајцата, – рече Шишман. Избрза. – Знам, – рече берберчето. – Прашувам кој е Србин? – Јас сум Бугарин, господине, – рече Србин. – Знам, – рече берберчето. – Но ете што ти направиле тие мрсници против кои ние војуваме. Ти нанеле срам за цел живот. Рече така и стана од местото. Рече дека ќе ги води кај другите господа офицери ставајќи си ја шапката на глава и пристегнувајќи се. Пак излегоа во ходникот каде што оној војник делкаше друго јаболко. Застана мирно додека помина офицерот а на братучедите им намигна. Во спротивната одаја се најдоа пред уште четири офицери, наседнати на четирите страни на еден дрвен кревет, свртени со грб еден кон друг. Играа карти. Ја прекинаа играта, но не станаа од местата, освен што се загледаа во братучедите. Србин и Шишман, како што ги учеше фелдфебелот долу во градот, се потрудија колку што можат, но испадна едно млако вкочанување и собирање на вратовите во рамената. – Така ли се поздравува? – рече еден од четворицата. – Извинете, господине, – рече Србин кривејќи го вратот, – нови сме. Затоа. – Сега јас знам, се сетив, – рече Шишман неочекувано. – Тогаш ајде да те чуеме! Шишман навистина беше се сетил, но токму кога сакаше да се покаже виде како еден од четворицата офицери, користејќи го моментот, украде карта од купчето на средината па вчудоневидено ја подаде главата напред и веќе заборави како треба да рече кога ќе влезе во просторија каде што има претпоставен. – Ќе научат, – рече оној што украде карта и става од местото. Отиде до прозорецот, зеде некои хартии и по пликот што остана на местото братучедите знаеја дека тоа се книгите што ги донесоа тие самите за себе. Се погледнаа како да си ја признаваат грешката. Офицерот прочита од книгите: – Перо Шајков? – Јас сум тој, – рече Шишман. – Аха, – рече офицерот. – Значи ти не си тој. – Јас сум, господине, – се побуни Шишман, објасни: – Дека Шишман ме викаат, затоа не сум тој. Офицерите како да се збунија. Тој што украде карта пак погледна во хартиите и праша: – А кој од вас е Бугарин? – Двајцата сме Бугари, – рече Србин. – Богаме, – рече Шишман. – Прашувам кој се вика Бугарин? – Јас, – рече Србин. – Тој, – рече и Шишман. Изгледа сакаше да покаже со рака, но му се случи да го испушти од меѓу прстите камчето што го имаше за да му се најде ако му затреба. Дека камчето тркалезно, а душемето од суви букови штици, рамно, падна долу, се растркала, зашета меѓу чизмите на офицерите, се одби од една и се врати назад токму пред Шишмана, скоро на местото каде што падна. Офицерите зачудено ги прошетаа погледите по патеката на камчето и вчудоневидено го погледнаа Шишмана. – Што ти е тоа? – праша берберчето. Шишман ги собра рамениците. – Камче, – рече. Офицерите се почувствуваа неудобно зашто тоа навистина беше камче. Па сепак тоа нешто расипа во очекуваниот редослед на средбата. Ситуацијата ја спаси дебелиот офицер кој цело време седеше на креветот извален назад чиниш затоа што не може да стане. Но и не му беше лесно. Кога реши да стане, тој прво тешко се одвали напред, па како мечка се опре на рацете, излази газечки назад додека кусите нозе не му згазнаа на душемето и дури тогаш одвај се исправи. Картите не ги пушти од рака. Се пикна меѓу офицерите истуркувајќи ги и застана пред братучедите. Се разврти со рацете на грбот. Го праша Србина: – Имаш ли ти некоја слика? – Слика! Боже пази, господине. Зошто ми е мене слика. – Твоја слика? – Ни моја, господине. – Ништо, – рече дебелиот. – Ќе те сликаме, – рече и отстапи еден чекор назад, фрли поглед на двете страни кон офицерите: – Господа, имам идеја. Ќе напишам статија под наслов „Бугарин сум и Бугарин се викам“ и заедно со неговата фотографија ќе ја испратиме во „Отечество“. Му светнаа очите на берберчето. Рече: – Одлично! Еден збор, две значења. – Напротив, – рече дебелиот. – Два збора, едно значење. Братучедите, се разбира, од сето ова ништо не сфаќаа. Ги загрижуваше единствено тоа што не насетуваа ништо лошо па се плашеа да не се лажат. Затоа малку нестрпливо чекаа да останат некако насамо па да си помислат малку. Но во војска простор за здивнување тешко се наоѓа. Оној што јадеше јаболка ги доведе до дворот и таму во мракот чекаа да дојде некој војник да ги поведе до местото каде што ќе преспијат. Во мракот војникот не го гледаа, но тој пак нешто шумкаше, јадејќи, делкајќи или чешкајќи се. Им се чинеше дека колку што тие него не го гледаат толку тој може да забележи и дали нешто на лицата им трепнало. Оној што ги поведе кон некаде низ село го знаеше патот па брзаше напред, а тие се сопинаа и прескокаа камење по непознатиот пат. Војникот ги изведе од селото надвор, на некоја ледина. Таму, тој некому рапортира, но оној не се ни помачи во темнината да ги види. – Добро, рече, – Нека легнат некаде па утре ќе се видиме. Кога фатија да бараат место каде да приседнат сфатија дека се нашле во црвјалник од војска. Им се чинеше дека секаде околу е плипот од војници, а многу да се оддалечат не смееја за да не се изгубат некаде. Впрочем, тие веќе и не знаеја каде се и кого утре треба да бараат. Ничие лице не видоа па дењата да го препознаваат. Сè повеќе и повеќе се вртеа во круг на исто место додека некој не им пријде да им рече дали мислат да ја престојат ноќта. Послушно клекнаа и седнаа на местото каде што стоеја и вкочанети од недоумение долго останаа така. Колку што небото над нив беше јасно, толку овде околу нив сè изгледаше загадочно. Темнината ги прелеваше формите од една во друга нејасност. Шумовите и звуците што ги правеа веќе заспаните војници до нивните уши доаѓаа како стенкање на земјата. – Да легнеме и ние, – скоро прошепоте Србин ваѓајќи го кебето од преку рамо. – Јас не можам, – рече Шишман. – На камен сум седнат. Србин се настрани, му направи место и откако доста се изнамачија, се сместија, заспаа. Утредента немаше толку многу војска колку што им се пристори вчераноќта. Па сепак денот не беше пријатен. На разни страни се извикуваа разни команди, па чиниш цело време кучиња те џамкаат. Дека утринта, кога ненаспани ги разбудија, им пристуде, штом сонцето ги затопли им се приспа. Многу нешта сакаа да дознаат, но ништо не се решаваа да прашаат. Сè беше некако грозоморно, а сепак на фронт не личеше. Додека ја шљакаа преретката чорба за ручек, седнати на еден ѕид височко над џадето, Шишман рече: – Пукањето на пушките и митралезите сигурно не се слуша до овде, а? – Кој знае, – рече Србин. Тоа им беше најчудно. Фронтот, како што им кажа Чакарвелика, е тука некаде по сртот на Баба, а ни пукот чуја, ниту од некаде некој ранет или отепан донесоа. Ниту, пак, можеа да го замислат без пукање на топови. Затоа Шишман потоа рече: – А за топовите што мислиш? – Не знам, – рече Србин. По пауза Шишман сам себеси си објасни велејќи: – Топовите сигурно на неколку дена пукаат. Можеби и на неделата еднаш. – Можеби, – рече Србин. Додека тие така се чудеа на сè што ќе им текнеше и на сè што ќе видеа, гледаа како полето полека се отпразнува од војска. Чета по чета, војниците некаде одеа. Кај ужина време командирчето ја построи и нивната чета. Ја построи, ја прегледа, прати еден од војниците некого нешто да извести. На Шишмана му дојде нешто шубе. Се вкочани, почна да ги врти очите, му е страв да се сврти назад. Ги построија во два реда, свртени напред, Србин му е зад грбот. Не може да го праша тоа што му е дојдено да праша. Меѓувремено оној што отиде, се врати заедно со еден друг. Токму тогаш Шишман здогледа пред себе едно згодно камче, ама како да се ведне. Војникот се врати во стројот, овој што дојде застана покрај командирчето. Камандирчето искомандува: – Мирно! Кога сите застанаа мирно, тогаш Шишман на брзина се ведна, го џапна камчето и брзо-брзо се исправи. Командирот виде што се случи, ама ништо не рече. Само како да вдиша малку подлабоко, како што му се присторе на Србина. Ништо. Свртеа на десно и тргнаа. Го суправија патот право нагоре, излегоа на џаде, тргнаа нагоре. Меѓувремено, Шишман го смести камчето во кутијата. Како што заодија по џадето така камчето затропка во џебот на Шишмана. Задоволен беше, но не знаеше што мисли Србин, зашто овој пат не го праша. Дури сега, откако работата беше готова, го сврте погледот кон него. Србин му се насмевна, а Шишман како обично се зарадува. Поминаа низ село, а кај мостот над село свртеа по патот кон планината. Шишман и Србин се погледнаа, ги кренаа рамениците и помирени продолжија. Патот водеше сè понагоре и вдесно додека не излегоа на сртот од каде што го видоа езерото. – Таму нè носат, – рече Шишман, мислејќи на фронтот. – Сигурно, – рече Србин и направи гримаса со устата. Шишман на тоа мласна со усните. Сонцето зајде, се нафати мракот, се стемни, езерото ги промени сите бои и најпосле остана со една чакната блескавост што зрачи студенило. Четата го продолжи патот. Не застанаа како што многумина се надеваа. Дури подоцна, без команда, командирот се сврте назад кон заодената чета, па војниците, од неочекуваност, се натуркаа еден во друг од позади. – Соберете се поблизу околу мене, – рече командирчето. – Ова е малку почивка, колку да ви објаснам. Се приближуваме кон фронтот каде што одиме да ги замениме борците. Тие ќе се повлечат на заслужена почивка. Кога ќе продолжиме, едно да знаете: не сакам ни зуц повеќе да се чуе. Толку. Продолжуваме, – рече командирчето и тргна. Тоа напред, четата по него. За нецела минута големиот шум од станувањето и тргнувањето папса. Се слушаа само тапите чекори и камчето на Шишмана, продорно, како игла во ушите на командирот. Шишман се чудеше што да прави, тамам некако сакаше да го праша Србина, а командирчето меѓувремено застана малку отстрана пропуштајќи ја четата напред и еден по еден војниците се споредија пред него. Тропотот од камчето сè повеќе му се доближуваше до увото и кога му дојде на дофат го грабна Шишмана за рамено, го тргна кон себе со една снага што човек не би ја очекувал од неговиот омалдушен изглед. Така-така-такр-так, присторе камчето во кутивчето. – Идиоте, – рече командирот. – Во главата ли ти ѕвецка тоа, или каде! – Камче е, господине, – рече Шишман и ја стави раката во џебот. – Дај го ваму, – рече камандирот. Шишман со растреперена рака го извади кутивчето од џебот и му го подаде. Командирчето во мракот не можеше да види што е. Му затропа во раката. Налутен, го зафрчи преку колоната надолу. Кутивчето затропа кога зафрли, стивна некое време и се јави уште еднаш кога падна некаде долу. – Сега продолжи, – рече командирот и побрза напред. На Шишмана му се дожали за кутивчето, но сега кога командирот го остави да се приклучи во колоната, се преплаши. Србин сигурно заминал некаде напред и тој ќе треба да се пикне помеѓу некои двајца непознати. Кој знае што ќе направеше, ако Србин, кој за цело време зад него во мракот чекаше, не го фатеше за мишка. Скоро и стасаа некаде. За Србина и за Шишмана тоа беше никаде. Беа некаде среде шума, а на човек не наидоа. Заповедта беше да молчат и да чекаат. Само оној што ги водеше замина некаде уште понатаму. Прилично чекаа додека оној не се врати уште со двајца. Двајцата што дојдоа поведоа двајца од четата. Сите другите чекаа да се вратат други двајца да земат уште двајца. Братучедите, прво, за секој случај, се сачеа сè понастрана додека не сфатија дека во ова несфатливо сновење може да се случи да ги разделат. Почнаа во темнината да се стискаат еден во друг и да држат отстојание од другите колку што можеа, додека во еден момент не им тргна по рака да бидат поведени заедно. На Шишмана, штом тргнаа, му се стегна душата од страв: – Бате, немам ни камче ни кутивче. – Молчи сега, – му рече Србин. Поодија малку низ шумата па излегоа на голина. Во грмушките војниците им рекоа да ги земат пушките в раце. Налутено им рекоа. Потоа веднаш слегоа во длабок ров и долго одеа низ него некаде право попреку. Скоро трчаа низ ровот. Потоа ровот почна да кршка и веќе не знаеја во кој правец одат. Прво го сместија Србина. Едниот војник остана со него. Другиот Шишмана го постави на неколку метра погоре, во еден заслон правен како по калап за него, да не може ни да се сврти. Војникот му објасни: – Пушката овде ќе ја навалиш така што да ти биде на готовс. Око не заклопуваш. Гледаш пред тебе како да го чекаш да се појави. Ако запука оттаму, пукај и ти! Ако здогледаш нешто да ти се приближува, јави. Толку. Едно ти е најважно: или ти него, или тој тебе! Ајде … збогум. Шишман не чу скоро ништо од она што војникот му го зборуваше. Него едноставно го здоболе нешто во челото како да е наместен пред куршум. Нервозно го протре со рака, но од тоа болката само малку се прошируваше низ главата до слепоочниците без да намалува и чувствуваше како во стомакот му станува тешко. Беспомошно гледаше на онаа страна кон Србина кој повеќе како да му сенчеше од привдување одошто го гледаше. Цркањето на штурците тогаш стануваше посилно. На неколку пати се обиде да се загледа пред себе во правец на непријателот но од тоа уште при помислата обневидуваше. Ако во неколку моменти престраши да се подзагледа, сепак ништо не виде зашто веднаш почнуваше да му се врти во главата и пред очите да му станува матно. Чувствуваше како неговото големо, несмасно тело на душата која би фркнала кон некаде му стои како камен на вратот. Му идеше како дете да се расплаче, но се плашеше да не би со тоа да предизвика некоја незгода и за братучедот Србина. Се смири малку кога под дланката легната на земја почувствува камчиња. Почна да се забавува со барање погодно камче што би го ставил во кутивчето шго го немаше. Речиси повеќе ништо не го интересираше додека не почна да го фаќа некоја нападна дремка така што потоа заживеа меѓу мислата на камчето и кутивчето и одбраната од дремката. Цркањето на штурците се засилуваше до поведување во дремка, го снемуваше и потоа го будеше. Кога ќе се вслушаше во цркањето на штурците просторот стануваше беспределен, воздухот опијанувачки, езерото одоздола зрачеше со надеж. Освен ровот и униформата, сè друго беше како со овците во Брезница кон каде што сега Шишман ја имаше навртено цевката од пушката. Србин мирно посматраше како темнината се одронуваше од стварните облици на поединостите во пејсажот пред него и како роса, капка по капка, потонува некаде в земја. Прво ги снема сите подвижни и неподвижни фигури што во текот на ноќта му се причинуваа и виде дека ридот под нив е гол сè до подножјето каде што почнуваа лозјата и бавчите. Пред рововите, на голината, онде-овде имаше по некоја грмушка или горница и многу тенки патеки што се преплетуваа по ридот како некоја пајажина. Во подножјето почнуваше рамницата што во продолжение на езерото навлегуваше нагоре чиниш длабоко под планината и натаму до оној издолжен рид што ја прекинува и зад кој се наоѓа неговата Брезница. Виде пред себе сè онакво какво што го знаеше само сега од овој рид на кој никогаш порано не бил. Единствено непријателот го немаше ни на повидок така што не беше најсигурен дека фронтот е токму овде. Помислуваше, со надеж и без да сака да верува, дека сево ова, сепак, е некоја војничка далавера. Колку што можеше да процени во тој правец надолу се опушта линијата на фронтот, заклучи дека селото на Тетинот е од оваа страна. Како деца често оделе со Шишмана таму на гости. Еднаш, се сети, децата ги наговараа да се искачат по оваа голина нагоре до црквичето што мора да е тука некаде подолу и од селото се гледа. Сакаше да размени поглед со братучедот, но кога погледна пак, виде дека тој уште спие со двете раце надвор од ровот. Сакаше некако да го разбуди, но кога виде дека нема никого да го налути паради тоа, не се загрижи. Помисли да фрли камче, но си рече дека може да го исплаши така што во будењето да свика. Не знаеше што може да стори, но се трудеше да смисли и се надаваше дека можеби Шишман и сам ќе се разбуди. Сртот на планината блесна од изгрејсонцето така што виделината му го измами погледот на Србина нагоре и не забележа кога ефрејторот се најде зад Шишмана. Шишман прво му се насмевна на ефрејторот и во тој момент ги отвори очите. – Спиеш? – рече ефрејторот. – Не, – рече Шишман. – Зошто пушката ти лежи како фрлена? – праша и се пресегна преку него, ја грабна, се повлече во поврзниот ров, ја погледна. – Закочена, – рече прекорно. Ја откочи, ја отвори – имаше што да види: внимателно го повлече затворачот назад за да не го исфрли фишекот на земја, но затворачот не само што не извлече фишек туку ефрејторот виде дека пушката на Шишмана е наполно празна. – Празна! – вчудоневидено рече тој и ги преврти очите во главата од смаченост. Шишман му објасни: – Се плашев да не ми се откачи некако ноќеска, господине, па да сторам некоја несторенија. Сега ќе ја наполнам, – искрено рече тој и ја подаде раката кон пушката. Ефрејторот ги стегна забите, но кога сфати дека ништо од она што сега би можел да му направи не ќе го задоволи, реши да го запамети. Му ја врати пушката велејќи му да се повлече. Замина по ровот надолу. Шишман со ширнати раце се поткрена на прсти да се види со Србина, но токму тогаш ефрејторот беше кај него. Нешто му рече и го остави. Србин се повлече, тргна веднат кон Шишмана. Тој веќе сè знаеше. – Се успа, – му рече. – Затоа. Ајде сега. – Каде? – праша Шишман. Дењата секогаш војниците се повлекуваа некаде назад и денот го поминуваа во една голема дупка како варница. Бидејќи фронтот овде мируваше долго време, војската имаше време да го изора ридот со ровови, како по линијата на фронтот така и во правец на отстапниците и пристапниците што обезбедуваше максимално добро функционирање на војничкиот живот. На линијата на фронтот дење остануваа само стражари и извидници кои меѓусебно беа поврзани со систем на јажиња чие повлекување в лево и в десно одеше од војник на војник до последното јаже кое го затресуваше ѕвонецот во штабната земуница до каде што доаѓаше телефонската врска. Сето тоа им го објасни командирот уште првото утро кога се повлекоа од челните ровови. Меѓутоа, тој рече дека сака системот да го усоврши со тоа што ќе постави војник на смена кој постојано ќе кружи од војник до војник. Оваа мерка ја воведува за случај од една или друга причина системот на јажињата да откаже. Војниците го засакаа новиот систем. Тој не само што им овозможуваше прошетка преку поширок круг, туку и добивање на располагање двоглед кој им го задоволуваше љубопитството во однос на животот на непријателот. Така можеа и да ги потврдат гласовите што кружеа меѓу војниците и уште нешто да додадат. Всушност, бидејќи Французите беа добро засолнети, малку можеше да се види, но според прикаските, нивниот живот во споредба со животот на оваа страна на линијата на фронтот беше скоро оперетски. Французите многу се излежувале, имале таму направено бањи, добивале неограничен број цигари, а какаото им било како вода. Меѓу бугарските војници беше дури и пожелно вака да се разубавува животот на француските војници бидејќи тоа докажуваше дека се мекаши и дека печениот бугарски војник ќе победи. – Мислите ли вие, им велеше камандирот на четата, дека ние живееме вака како што живееме затоа што немаме или не сакаме. Не, војници. Бугарија има и повеќе ако е за тоа. Но Бугарија сака искалени војници. Кое куче е подобро: галеното и хранетото или она што живее само на грутка! Србина и Шишмана сето тоа не ги интересираше. Најзадоволни беа кога ќе се најдеа во окопите кога не можеа да се надогледаат на ридот спроти нив зад кој се наоѓаше нивната Брезница. Нивните погледи натаму беа толку желни што повеќе намамуваа да се појави нешто на повидок така што и низ двогледот предметите ги губеа своите облици станувајќи неодредлива измама. Колку што малку видуваа, толку многу мислеа. Со никого не се мешаа; секогаш кога ќе можеа претпочитаа да се пласнат некаде на дното на ровот и така со часови да молчат. И ако разменеа по некој збор, тој секогаш беше далеку од тоа дури и да потсети на она што мислеа. Оторбешено седнат на дното на ровот, на сувата, прашлива црвеница, со нозете расчекорено испружени вдолж пред него, Шишман или копаше со петицата или со нокти чепкаше пред себе како некое куче шго готви криење на коска. На Србина чиниш цело време му се спие. Седеше со рацете меѓу нозете собрани со колената до стомакот, со капата над очи и мижеше, Доволно им беше што се заедно и што се насамо. Така можеа да мислат на иста тема, единствена, и да починуваат од времето што им имаше натежнато како планина. – Ех, – рече Шишман каприциран да го откопа камчето на кое наиде. – Е? – го праша Србин мижејќи. – Ништо. Да го имав камчето. – Камчиња има тука колку да сакаш. – Ама кутивчето го немам. – А што ако го имаше кутивчето? – Друго ќе беше. – Шипинки ќе беше, – рече Србин подотворајќи ги очите. Шишман нажалено го погледна: – Не зборувај така, – молежливо му рече. Србин не одговори. Шишман сам додаде: – Знам. Од мака. – Од мака ами од што. Наиде оној потсмешлив војник со несфатливо име. Пеју го викаа. Братучедите ги бунеше она у на крајот. Беше со подзамижани очиња коишто како да се сомневаат во нешто. Пеју постојано се смешкаше некако со сила и изгледаше онаков каков што, всушност, е само кога за миг ќе се намуртеше собирајќи го носот и уплашено веднаш пак се насмевнуваше за да покрие дека се издал. Никогаш со полна уста не се насмевнуваше. Братучедите ги посматраше со задоволство. Тие веќе се плашеа и од помислата на него. Сега скоро бурна во нив. – Хе–хе, – присторе. – Напредува ли работата, а? Србин ги отвори очите, се подисправи поткревајќи ја капата на главата. Шишман само очите ги крена кон него и го смири прстот во дупката пред него. Пеју како што проговори така продолжи да се смешка шеретски шетајќи го погледот од едниот на другиот и не си го продолжи патот. Предизвикувачки чекаше мачително долго. Едно време Шишман го ведна погледот и додека сега Србин го држеше на око, овој продолжи да го исчепкува камчето од дупката. – Напредува, – рече Шишман, – ама најтешко ми е со овие едни камчиња. Црвеницата многу стега. – Затоа е добра за тули, – рече Пеју. – Сигурно знаеш како се прават? – го праша Србин. Пеју се зачеша со показалецот зад увото и ја рашири насмевката. Продолжувајќи си го патот сега рече: – Можеби знам. Братучедите се погледнаа и долго се гледаа. Кога се разбраа, Србин се врати во својата замижана поза, а Шишман ја продолжи работата пред себе. Поради безрезултатноста, мислата за Брезница ги измори братучедите. Тие често се сеќаваа на Коленово, на тетинот и тетката, но не можеа да мислат на ништо друго освен на Брезница. Ако пред нив беше земјена брана. Доста им беше тоа што беа натаму свртени. Секогаш кога ќе можеа, без збор, како мечки на легало, тргнуваа натаму. Но еден ден Србин го фати Шишмана за ракав и го тргна кон себе на спротивната страна. Влегоа во грмушките и седнаа над еден камен од каде што погледот беше упатен кон селото на Тетинот и Тетката. Селото долу под ридот, крај езерото, не се гледаше. Само облак сив чад мируваше над него како настрешница. Ги оставија пушките крај себе и двајцата, со колениците собрани под брадите, мируваа загледани под веѓи кон селото. Шишман почна да го набира носот како да душка. Рече: – Како да ми мириса. – На топол леб и лепешки. – Аха. – Така ти се чини, рече Србин, кој исто така мамеше во носот таква миризба. Беа задоволни од промената на местото и сега, како што секогаш кога ќе можеа одеа во рововите, доаѓаа овде над карпата. Новата глетка им беше многу постварна. Не знаеја зошто, но се надеваа. Зашто тука во варницата тие живееја како во касарна, со право на слободно време. Во неделите војниците во групи одеа дури далеку некаде назад во шумата, кај некое изворче, правеа прошетки и до манастирот горе во долот. Кажуваа дека четата што била пред нив имала кавалџија и војниците, сите што биле слободни од должност, оделе на некоја ледина да им свири и да играат оро. Од другите единици погоре им иделе на гости и овие оделе на гости кај нив. Но сега во четата никој освен Шишмана не знаеше да свири на кавал. Шишман рече: – Сигурно може да се најде кавал. – Сигурно, – рече Србин. Потоа молчеа. Шишман пак рече: – Па што велиш? – Зошто? – За кавалот. – Ништо, – рече Србин. – И јас така мислам, – по пауза рече Шишман и конечно после сите колебања, решија таа работа да ја премолчат. Не сакаа да си го изгубат спокојството освен ако во тоа еден ден не видат некоја можност. Сè беше подредено на желбата да се оди кај роднините во Коленово. Веќе неколку дена како доаѓаа тука над карпата каде што можеа само на тоа да мислат. Од мислење и несмислување почна да им се врти во главите и да ги фаќа мачнина. Секој час двајцата смислуваа нови различии комбинации но секогаш планот одвај успеваше да се одлепи од почетокот. Одвреме-навреме Шишман, одмавнувајќи со рака ќе пристореше: – Ах! – Е? – Пак ништо. А ми се присторе дека смислив. – Знам, – вели Србин. – Мислењето е како копањето. Кога ќе почнеш, казмата ти е како пердушка во рацете, а после полека-полека како со олово да ти ја полни некој. – Вистина, – рече Шишман. – Мајка ми не научи да зафати чорап или нешто. Сè ќе згреши во броењето и – ништо. Но братучедите и не брзаа. Кога мислењето почна да ги заморува, Србин седнуваше под еден даб, ќе ја тргнеше капата над очи и ќе замижеше, а Шишман со ред, како да плеви, го корнеше мовот од карпата. Го здогледаа посилниот на командирот на четата како се зададе низ грмушките одоздола. Го посматраа под око правејќи се дека не го ни забележуваат. Бидејќи дебел, се клатеше на двете нозе и мавташе со рацете така што изгледаше како желка што лета преку грмушките. Идеше право кон нив, повремено намавнувајќи им со рака да сурнат кон него. Братучедите не се ни поместија. Задишан, застана под стрмолочето крај карпата. Со едната рака се потпре на бутината, а со ракавот од другата го забриша испотеното чело. Од што беше запарен, успеваше само да го погледне Србина и да покаже со рака кон него. Кога најпосле фати место во задишаноста, успеа да рече: – Ти! Србин му даде знак на Шишмана. – Јас? – зачудено се одѕва Шишман. Посилниот очајно одмавна со рака: – Не ти, туку Бугарин. Шишман плачливо рече: – И јас сум Бугарин. Посилниот забрзано се издиша уште малку и рече: – Не ми е грижа како лажете, копилиња. Дојдов на тој од вас што се вика Бугарин да му кажам дека го вика ротниот. Веднаш. После ова посилниот се чувствуваше слободен. Се издува и се испавка па се врати без збор подрипнувајќи во одењето надолу како да се тркала со потскокнување. Србин не брзаше. Гледаше попреку некаде над езеро. Шишман, подзинат во него, чекаше како галиче. Веќе дланката од десната рака му лежеше на земја, а со левата беше фатен за пушката така што можеше да стане веднаш по Србина. – Гуштерица, – присторе Србин. – Каде е? – се оѕвери Шишман. Гуштериците му беа слабост на Шишмана. Не можеше да здогледа некоја гуштерица и да не фрли камен по неа. Ретко со едно мавнување да не ја погоди в глава. Гуштерицата сега беше подадена со двете предни нозе од долниот раб на карпата. Шишман ја здогледа, стана, се разврте околу себе да најде погоден камен, но меѓувремено Србин му ја истера фрлајќи некое дрвце. – Зошто ми ја истера, – нажалено рече Шишман. – Греота е, – рече Србин и стана од местото. Кинисаа. Србин напред, Шишман по него. Србин мислеше дека она со сликањето и весниците е некоја шега, но затоа го викале. Шишман дозна за тоа скоро пред Србина зашто додека братучедот влезе внатре, Шишман остана пред земјанката со посилниот кој седеше на еден камен како истурен и де се фаќаше за едниот крај од затилокот да се испавка со раката, де за другиот под којшто дувнуваше. – Ќе го сликаат, – рече посилниот. – Како ќе го сликаат. – Не знам. Некако ќе го сликаат. Нарочно човек е дојден. – Знам, – рече Шишман. Посилниот зачудено го изгледа: – Како знаеш? Шишман се исплаши дека почнал да загазува: – Знам јас, – рече. Зборовите му дадоа тон за самочувство: – Колку работи знам јас, ехе. Ти ме гледаш вака па си велиш – будала е овој. Нели така си велиш? – одеднаш сериозно и загрижено праша Шишман. Дебелиот го гледаше со стиснати усни како да насетува нешто. Фати да се чешка во главата. Неочекувано праша: – А ти што си велиш? – Јас си велам дека си ти будала, – рече Шишман. Посилниот пак ја зачеша главата од недоумение. – Па можеби сум, – смело рече тој. – Што дека. – Ништо, – рече Шишман. – Важно е да знаеш дека не е ништо да си будала. Тоа сакав да ти кажам, а ти сакаше да се налутиш. – Јас да се налутам, – веднаш на тоа рече посилниот. – Боже пази! Сите со мене играат мајтап, ама да сум се налутил не паметам. Само малку ќе се замислам и – толку. – Дека си умен. Затоа. Посилниот ја зачеша главата. – Како... Ем будала, ем умен... – Мислиш дека тоа не може? – сериозно праша Шишман. – Не знам, – рече посилниот. – Јас знаеш што си велам. Ако се будалштината и умот како водата и млекото – може, ама ако се како водата и маслото – не може. Сега веќе разговорот требаше да стане многу стручен, но за среќа, во моментот од земјанката излезе Србин. Прв. По него фотографот, ротниот, двајца фелдфебели, ефрејторот. Фотографот излезе пред групата, застана свртувајќи се кон нив. Со рака им даде знак и почна да разгледува околу онаа широка дупка налик на варница. – Треба да го сликам во борбена положба, – рече. Час разгледуваше наоколу, час погледнуваше во Србина кој чекаше целиот стуткан како да ќе го ставаат во котел. Се фаќаше за брада, го чешкаше тилот, мласкаше со усните. Одеднаш се загледа во Србина. – Добро е, – рече. – Добро е што си вака зараснат во коса и брадјосан. Уште шлемот. Ајде стави го. Така. Тргни го малку на очи за да изгледаш пострашно... Го здогледа Шишмана. Одушевено рече: – Ете каков тип треба да бидеш ти, – му рече на Србина. Се сврте кон ротниот: – Замислете оној да е. Како ѕверски ќе изгледа. Бугарскиот војник е ѕвер за непријателот. Тоа. – Каков лош војник е тој, – рече ефрејтерот, сеќавајќи се на она кога го фати со празна пушка. – Не е важно, – рече фотографот. Тој конечно се реши Србина да го слика во јуришна поза. Му го одреди местото пред ископаното. Ефрејтерот доби задача да му искомандува јуришна положба. Фотографот тргна да застане пред него со апаратот, но од пол пат се врати. Му се доближа на ротниот, давајќи му знак да дојде малку на страна. – Знаете, – рече. – Сепак, јас треба да застанам пред него. – Ти си знаеш, – рече ротниот. – Токму затоа, – рече фотографот, – ќе биде позгодно ако му речете да ја испразни пушката. За секој случај. Ротниот малку се замисли и го викна ефрејторот. – Речи му да ја испразни пушката, – рече. – Немајте грижа, – рече ефрејтерот. – Сигурно му е празна. Ефрејтерот целата работа ја сврши со команди. Пушката на Србина, се разбира, беше празна. Кога сè беше готово, фотографот уште еднаш се премисли. Побара Србин да застане крај ископот за да го слика отстрана. – Ако го сликам од чело, – рече, – ќе испадне како од Французите да сме ја добиле сликата. Братучедите, одвај дочекаа да се повлечат на своето место над карпата каде што можеа да здивнат. Многумина од војницигге преку ден најгрижливо си ги дотеруваа окопите. Мода во ротата беше купчето земја пред окопот да се зајакнува со што повеќе камење покриени со земја. Мераклиите, ги мазнеа ѕидовите на окопот или ги поткопуваа така што кога ќе почне да се пука телото на борецот што поудобно да легне во замислената положба за одбрана. Братучедите тоа не ги интересираше. Само кога мораа, се преправаа дека нешто прават. На нив пред погледот им беше Брезница отаде Долги Рид и тетка Фора во мислите. Никој не ги виде да се разделат, ниту ги чу да зборуваат. Затоа никој не им се лутеше, оти никого со ништо не засегаа. Секој можеше да види дека тие се плашат од сè и сешто, а стравот е нешто што секој војник го почитува. Кога се увери дека никој ни ќе види и ни ќе чуе, Србин рече: – Чу ли за в недела? – За утре? – праша Шишман, зашто тогаш беше сабота. – За утре, – рече Србин. – В црква ќе се одело. Во Богородица Коленовска. – Сите ли ќе одиме? – Не верувам, – рече Србин. Долго молчеа додека пак, Србин рече: – Не сме ние со таа среќа. – И јас не верувам, – рече Шишман. Утредента навистина немаа среќа. Ефрејторите изделија по неколкумина од одделение. На поминување низ окопот, нивниот ефрејтор го грабна Шишмана за ракав да го поведе, но овој не се помести од местото: – А братучед ми? – Братучед ти дореда, – рече ефрејторот. – Тогаш и јас дореда, – молежливо рече Шишман. – Ќе се начекаш, – рече ефрејторот и го пушти одејќи да го поведе другиот потаму што беше прв на редот. На двајцата им беше жал што не отидоа. Затоа гледаа накај Брезница уште пожелно и мислеа на тетка Фора уште повеќе. Ноќта се стемни со месечина, а езерото заблескоти како огледало во кое уште што не можеш да се огледаш. Штурците таа ноќ се слушаа уште појасно и погласно. Дента небото се усвити како вршник од сонцето. Скоро ни збор Србин и Шишман не си рекоа. Само со погледи се разбираа доволно за да можат да си ја премолчат тагата во душите. Во вторникот утрото неочекуваио Србин му се сврте на Шишмана. Прво разгледа да не го чуе некој. Шишман зина во него со подотворена уста и чу: – Јас ќе одам кај командирот. Шишман не знаеше што да одговори. Остана со устата призината од тоа што го чу. А Србин стана, се потокми, се затресе и навистина отиде. Шишман остана затаен на местото како зајак што страхува секој момент кучиња да не го налајат во дувлото каде што се скрил. Бидејќи нервозен од неизвесноста, сè му се чинеше дека сега ако стане ќе види нешто интересно отаде на Долги Рид. Не стана, макар колку тоа да го копкаше. Остана така со погледот низ окопот од каде што требаше да се врати Србин и со мислата на Брезница сè додека најпосле Србин не се појави со бовча. Пак не се помести од местото. Ни Србин збор не рече додека не се доближи до него и додека не се наведна со устата до увото и со погледот по окопот надолу. Присторе: – Тргај по мене, – рече и зачекори назад. – А камче, – рече Шишман. – Камче сега не ти треба, – рече Србин и продолжи. Шишман се извлече од сопствената стутканост и се завлечка по него. Подведнати и потрчнувајќи, низ окопот назад излегоа во шумичката. Не бараа пат. Се спуштија право надолу, го пресекоа патот за манастирот, сурнаа в река, преку река малку поискачуваа и потоа за час се најдоа во Коленово. Кога дојдоа во улицата кај куќата на тетка Фора, од авлијата залајаа кучиња. – Кај тетка Фора ниедно куче немаа, – рече Шишман. – И ние војници не бевме, – рече Србин. Кога рекоа да ја отворат портата, кучињата однатре се вдадоа како на лиот. Братучедите сепак ја отворија портата и тогаш кучињата им се пуштија на месо. Србин ја фрли бовчата со офицерските и ефрејторски алишта, ја симна пушката од рамото и почна да се брани со неа онака како што го учеа да јуриша. Шишман исто така. Кучињата толку им се вдадоа што тие се повлекоа во ѕидот спроти портата и оттаму се бранеа мафтајќи со цевките од пушките сè додека тетка Фора не излезе. Ги растера кучињата викајќи им: – Тет! На што лајна најдовте да залаете! Кага се повлекоа кучињата во дворот тетка Фора ги погледна војниците и не можеше да верува. Ги погледна уште еднаш и уште еднаш и туку ги ширна рацете, скоро запеа: – Златните тие на тета внучињата, а јас будалата да мислам оти е некој од ѓупците. Ги изгушка тетка Фора, очите ѝ се наполнија солзи. Од дома ете ти го излезе и тетин Доне. И тој се изненади: – Јас мислев питачи идат, а тоа наши луѓе дошле, – рече тетин Доне врзан со пороже околу појасот преку ќурдијата, и со истата онаа донесена паларија што ја имал од времето, со мустаци чии влакна секогаш стоеја наежено. Кучињата, и тие, кога видоа толкава милост, заиграа со опашките, се приближија, почнаа да ги душкаат братучедите во петиците и под колениците па до празните војнички торби. Влегоа дома во готварницата, тетка Фора им рече: – Расобујте се, дечиња, фрлете ги настрана тие пусти чегалки што ви ги дале и седнете. Тетка Фора се рашета низ куќи да донесе мезенце, по една вода на внучињата да им даде да се напијат. Тетин Доне седна на чекорум спроти нив, ги прашува: – Кажувајте сега. Ние ве испративме на гурбет, вие идете од војска. – На враќање нè фатија, – рече Србин. – А да бегате не се сетивте, – рече тетин Доне. – Можевме ама каде, – рече Србин. – Барем тоа е колај, – рече Шишман. – Поседовме некој ден кај Чакарвелика во Битола, ама и таа сама. И мажот и синот – војска. Немаше што да ни прави, – рече Србин. – Ја, – рече тетин Доне. – Сега каде сте? – На фронтот, овде над село. – Не е лошо, – рече тетин Доне. – Одамна овде не се пука, ама кој знае. Едно време ѓулињата нивјето под род ни ги изораа. И, мои деца сте, греота е да зборувам, ама тоа е огниште што пак ќе се распали. Дуњата не е доделена. Затоа. – Затоа, затоа, – рече Шишман. Тетин Доне помолче некое време, ги сотре дланките по бечвите и туку ја удри едната рака по коленото. Рече: – Наше е сега главата да си ја сочуваме. Ете на тоа сме спаднати, – рече тетин Доне. Чекаше внуците нешто да му одговорат. Како ништо не чу, сега посилно, пак се удри по коленото: – Сега, што велите, – рече. – Што да велиме! – рече Србин. Шишман само ја тргна главата кон рамениците. – Сте намислиле ли нешто? – праша тетин Доне. – Уште ништо, – рече Србин. – Не се може, а? Чуваат кучињата, – рече Тетинот. – Ах, – присторе Србин. – Колај е тоа, ама отаде пак Србите ќе не згаштат. – Ја, прави сте, – рече Тетинот. – Сега е лошо врзана. Мене едно време кога ме зедоа Турците, побегнав кај Црногорците, кај свои, на море излегов. Долу во Пиреја. Ама пред мене расчистено. Кај сакаш, ми велат: ја Америка, ја дома. Јас будалата се вратив. Друго беше тоа. Ја. Тетка Фора меѓувремено го стави меѓу нив софричето, истото она што им го ставаше уште кога како деца беа почнале да доаѓаат па почна да го кити. Прво стави една чинија со бело сирење. Па стомната со тазе вода. Од лозницата во дворот донесе грозје. Урна од таванот лански ореви, на огниште стави да се варат ошавки од круши и јаболки, некаде најде чинија летни јаболчиња, жолти и слатки. Донету му рече едно време: –Оди да донесеш некое дрво да го распалам огнот. – Добро, – рече тетин Доне и стана, – ама ти и ракивче дај ни. Мажи се сега тие. Војници. Ја. А и умот од тоа може да ни роди нешто. Тетка Фора го заприбира огнот во огншитето и зацрцори умилно како што ѝ беше табиетот: – Златните тие. А ноќеска сонувам оти што јас си работам. Кокошките, бишката, урнабабана одам од брзање, а на тоа Петра, комшивката, ми се фатила за портата како капина. Како што јас ќе поминам да влезам дома или да излезам така таа ми вели: „Доневице, Доневице. Зарем не гледаш дека на порта ти стојам“. Господ да чува, си велам, што ѝ е на женава. Кога се разбудив, ми текна што сум сонела, ама никому ништо што ми се виде. Сега кога ми дојдовте вие, се сетив оти што таа беше во нова црна шамија. За вас сонето ми кажувало. И не е лошо. Не беше забрадена во шамијата, туку преку глава ја имаше врзано, поднакривнато малку. Не е лошо тоа… Меѓувремено одеше до ноќвите, отвораше во сирникот, во долапот, паурчето со ракијата го остави на софрето, тавчето со дрвена лажица полна само го стави на перустијата во огништето. Шишман на тоа се облиза и се сврте кон Србина. Скришум двајцата си се насмевнаа зашто знаеја оти тетка Фора ќе им замакали, како што велеше, пиперки печени со брашно, сиренце и јајца. Не престана да си кажува: – А кутри мајки ваши ништо не знаат. Невестите ова на соне да го видат, ќе се израдуваат, соколи кутри на тетка… Домаќинот ги остави голашките прекршени на две во огништео и кога седна на столчето крај софрето, таа молкна. Тетин Доне ја разгрна ќурдијата, ги поткрена клашните, едната ја испружи крај софрето натаму, а по коленото од другата се удри. – Ја, – присторе и го крена паурчето. – Ај за радост и за среќа, – рече, цицна поприлично додека Србин и Шишман ококорено го гледаа со завист. Им го подаде. Прво на Шишмана. – Ајде внуче. Шишман лизна и му го подаде на Србина. Овој одвај повлече една цела капка. Го врати паурчето, за момент се вкрондири и го крена стомнето преку рака. Закркоре водата внатре како песна да пее. Тоа на Шишмана му отвори ишта па го крена и тој. Тетин Доне ги гледаше, ги гледаше и на крајот присторе: – Хе-хе, – рече. – Ја. Пуцковци сте вие. Тетка Фора го забележа потсмевот и се замеша, им рече на внучињата: – Во маните на тетина ви да не се огледувате. Од вода и домашно огниште ништо поубаво на светов нема. А тетин ви Доне, златните вие мои, не е за кажување, ама како селово се испразни, маки мачам дома да го додржам магарето. – Ех, – самозадоволно рече тетин Доне и го крена паурчето. Во едно тргнување фитиљ да истрга однатре. – Ја, – рече оставајќи го паурчето на софрата. Продолжи, свртувајќи ѝ се на Доневица: – Туку и котел вода да ставиш. Нека се заплакнат децата. – Ништо тета за нив не заборавила, – се пофали. Тетин Доне, сакајќи да го врати разговорот на софрата, меѓу мажи, рече: – Значи, бегање за сега нема. А да останете овде да ве криеме. Што велите? – Нее, – рече Србин, затегави. – Доста е засега тета да ни ги пери овие алиштата што ќе ѝ ги носиме, а после ќе видиме. – Аха, – рече тетин Доне. – Ја, – рече и се удри по коленото. Сега ја истегна другата нога, а ја собра исправената. И повеќе ни збор за таа работа не проговорија. Оттука натаму тетин Доне и тетка Фора беа домаќини, братучедите беа гости. Се наручаа со друго стомне тазе вода, се избањаа под тремот, тетка Фора им наполни едни злопци печени пиперки и друга сирење. Десетина печени кочани завиткани во лушпи им остави во бовча со нешто ореви и јаболчиња и ги испрати. – Ајте ми со здравје, – им рече. – Работчињата што ви ги дадов ќе ги поделите на другарите. Сите да сакаат пак да дојдете. А за прање, ако треба и ајван товарен да донесете. Жив човек освен вас двајцата да ми дојде не сакам. Заради вас. Ајде, па ќе гледаме, ќе правиме. Белки господ без среќа не ве оставил… Уште едно враќање тие имаа обезбедено поради алиштата на големците што требаше по некој ден да ги земат. И тогаш за сите по нешто тетка Фора ќе им даде. Ќе се отвори работата, си рекоа братучедите и се вратија на фронтот, во окопите. Во окопите секој ден беше тоа-па-тоа. Братучедите живееја од денес за утре. На неделата еднаш, ако не повеќе, одеа до Коленово кај тетка Фора. Ефрејторот почна помилозливо да ги гледа заради прањето и јаделиштето што го носеа одоздола. А и братучедите помалу послушни не беа. Сите мислеа дека Македончињата се малку чудни, ама веќе никој не ги сметаше за чакнати како во почетокот. Кога би заминале, на целата рота би ѝ недостасувале. Откако уште првиот пат, сето јаделиште што го донесоа го разделија, најправедно што можеа без да прават разлика помеѓу војник и офицер, додека седеа стуткани еден до друг во окопот на земја, им се приближи она едно Илија од Русе. Во рацете држеше кутија од боја. Иста како онаа на Шишмана што му ја фрли командирот. Шишман како ја здогледа, така стана од местото. – Кај ја најде? – праша. – Оваа е моја, – рече Илија од Русе. – Ножиња за бричење во неа држев па реков да ти ја донесам. Можеби ќе ја сакаш, а? – Ееее, – присторе Шишман и туку целиот се разблажи во лицето од благодарност. Ја зеде кутијата и кутрите двајца толку беа задоволни од ова што го сторија та збор не можеа да си речат од занеменост. Се погледаа така, ги одвалија главите де едниот де другиот и де на едната страна едниот, де на другата страна другиот и се разделија. Илија си се сврте и си отиде, а Шишман си седна. Рече: – Добри луѓе се овие, – рече. – Луѓето секаде се луѓе, – рече Србин значајно. Шишман побара едно камче, го стави во кутивчето, го заниша, кутивчето затропа исто како она неговото. – Убаво тропа, – рече Шишман. Животот во ротата мана си немаше. Со време, се здушија луѓето. Командирчето знаеше на многу работи да премолчи зашто беше умен, си го чуваше зборот за полоши времиња па луѓето како што го засакаа него така се засакаа и меѓу себе. Се случуваше, ќе се соберат и ќе запеат. Запнаа еднаш Македончето ќе го тераат да пее. Србина така го завикаа оттогаш натаму. Бугарин сега што се викаше. Господ да чува. – Јас во животот песна не сум запеал, – рече Србин. Но другарите беа запнале како што тоа од туку-така се случува и стана малку неугодно. Тогаш Шишман ги изненади сите. – Еве јас ќе ви запеам, – рече. Гракнаа сите да се смеат. Шишман од тоа не се налути. Го измести газот поудобно да му улегне на голата земја во окопот пред земјанката каде што седеа, ја положи пушката во скутот и туку ја рече „Кинисав да одам во Костур на гости…“. Друг толку убаво, кревко и тихо не беше запеал ниту запеа. Така двајцата станаа Македончето и Песнопоецот. Еден ден им дојдоа во посета некои големци со ширити и друга нишани. Како што внедоапица дојдоа така пројурија низ окопите едни како да се жирафи гледајќи преку окопите, а други подведнати како изгладнети мачки глушец што бараат, се пикнаа во земјанката кај командирот, рекоа што рекоа таму и како што брзо се појавија така брзо се изгубија по истиот окоп назад. Утредента командирот половината чета ја остави на бојните места, а другата половина ја подбра и слегоа прво долу во Сливница. Таму го викнаа кметот. После тој им собра секири по село, им ги подели, фелдфебелот Милан му потпиша и тргнаа по патот нагоре кон манастирот света Богородица да сечат трупци и греди за зајакнување на окопите на фронтот. Застанаа да сечат над патот под самиот манастир. Секој си го одбра дрвото што ќе го сече, а фелдфебелот сенка каде што легна. Србин и Шишман не брзаа. Шишман чекаше на Србина. Србин на Шишмана, колку времето да помине. Од дрво на дрво братучедите се искачија над сите. – Сечи го ти ова, – му покажа Србин на Шишмана, а самиот тој се поткачи зад една буковица каде што местото беше поткренато и на колај за одмавање. За да не заостане, брзо го измерка дрвото со поглед, ги наплука рацете и одмавна, ја закачи секирата во стеблото и кога ја тргна рачката да ја откачи, виде оти е лабава. Кога ја извади, секирата на рачката веќе се клатеше. Ах, мајката, си рече и се разврте околу себе да најде некое дрвче за чививче, па седна да ја стегне. Ефрејторот оттаму преку му свика: – Ајде, Македонец, што чекаш? – Секирчето ми е лабаво, госин ефрејтор. – Забушава, – присторе некој и повеќемина гракнаа да се смеат. Србин брзаше колку што можеше. Зашто не сакаше да се замери, но и со волја ја работеше работата: како што го слушаше кљакањето на секирите во шумата така му се чинеше оти е во Брезничка планина, со свои луѓе, по дрва, како што имаа обичај групно да одат. Кога беше готов, стана. Удри со секирата еднаш, уште еднаш и третиот пат му пропадна внатре: стеблото да ти биде крублина. Рече, на Шишмана: – Брачко, јас сум готов. Му намигна мангупски. Почувствува дека оние што му се смееја ќе се најдат надитрени и драго му беше поради тоа. Како што беше размаван, така викаше, фрлајќи зборови меѓу две удирања: – Луѓе… Народе… Бегајте!… Јас сум готов… – Гледај го Македонецот, – се одѕва некој. – Се фали, – рече друг. Пак се чу смеа на негова сметка. Ако, си рече Србин и не престанувајќи продолжуваше да опоменува: – Бегајте… Народе… – Види, види, – рече некој. – Кога го фативме, кога научи бугарски, – рече и при сеќавањето на анегдотата одекна општа смеа во орманот. Истовремено, секирите не престануваа да се одгласуваат. – Така, момци, – рече фелдфебелот од ледината каде што лежеше. – Бугарскиот војник знае само за смеа и веселба и кога работи и кога војува. Србин престана да одмава за момент и бидејќи ситуацијата беше сериозна тој му се обрна на фелдфебелот: – Госин фелдфебел, вистина сум готов, крублинаво ми се погоди дрвото. – Што вели тој Македонец, – праша фелдфебелот. – Ништо не го разбирам. – Си бае нешто, – рече ефрејторот. Тоа беше најсмешно, но за Србина веќе навредливо. Извика: – Да не речете после оти не сум ви кажал, – рече и пак замавна со секирата. Еднаш, уште еднаш и стеблото крцна. – Бегајте, – уште еднаш рече Србин и потрча назад за да не го клоцне дрвото во паѓањето. Потоа се беше миг. Србин почна да доаѓа на себе што станало кога сите се собраа подолу да го вадат војникот што стеблото го поплати. Кутриот. Тој беше оној палавраџијата што кажуваше дека бил од некоја Стара планина, село или град некаде во Бугарија, господ ќе знае. Го истргаа некако од под дрвото, ама човекот веќе угаснат. Што да му прават сега? Фелдфебелот де тажно погледни во отепаниот, де назабено во Србина. – Кажав јас оти што дрвото е крублинаво, – рече Србин, повторуваше. – Кажа, – по него повторуваше и Шишман. – Идиот. Требаше да кажеш дека е к'хо, – рече ефрејторот. – Не беше к'о, господине, крублинаво беше. Кажав. Еве нека кажат. – Кажа, – рече Шишман. – Кажа. Кажа, – рекоа неколкумина други. – Кажа. По негово, – рече Иљо што му го даде кутивчето. – Не рече дека е к'хо, туку по негово. Фелдфебелот беше конечно збунет, а беа збунети и другите зашто имаше повеќемина што беа настрвени на Србина кога го видоа другарот мртов. – Госин поручникот ќе го расчисти ова, – рече фелдфебелот и нареди да се направат носила. Работата прекина. Направија носила, двајца го кренаа отепаниот, а другите ги нарамија пушките и секирите и тргнаа назад. Патем до окопите се менуваа во носењето. Шишман, преплашен, се туркаше во Србина, а Србин се опираше колку што може не може да се додржи на патот. Кога влегоа во варницата Шишман го извади кутивчето, го намести камчето внатре, но го држеше в раце да не тропка. Пред земјанката внимателно го тутна в џеб едновремено застанувајќи стегнато крај Србина. Излезе камандирот вчудоневиден од глетката. – Госин поручник, – рапортираше фелдфебелот. – Јавувам дека се враќаме со неизвршена задача и еден мртов. – Јас кажав, – рече Србин. Поручникот без објаснение се сети во што е работата. Спокојно му рече на фелдфебелот: – Им објасни ли на војниците како да се заштитат од несреќа уште пред да почнат? Фелдфебелот се вџаши од неочекуваното прашање. – Јас кажав дека дрвото е крублинаво, – рече Србин. Сега беше вџашен командирот. – Што е тоа крублинаво? – зачудено праша тој. – К'хо, госин поручник, – рекоа едновремено неколкумина. – Ние велиме крублинаво, господине, – рече Србин. Командирот се зауми: – Ѓавол да ве земе, – рече. Нервозно прошета неколку пати натаму-наваму со рацете на грб и брадата на градите. Одеднаш застана, нареди: – Да се однесе во селото. Јавете таму дека курир со извештај и прашање што да се прави во случајот доаѓа. Можеби и пред вас ќе стаса. Го рече тоа и се повлече во земјанката. Фелдфебелот веднаш избра двајца да го кренат отепаниот и уште двајца за смена по пат. – Тргнувајте, – им нареди. – Останатите! Разотидувај се! Војниците почнаа да се повлекуваат по окопите. Шишман стои вкочанет со раката на џебот. Србин го погледна прашално. – Кутивчето, – прошепоте. – Да не ми затропа. Србин му ја пикна раката во џебот, полека го извади, го отвори, го зеде камчето и му ја врати кутијата. Тргнаа. Србин напред, Шишман по него. Седнаа еден до друг во окопот на земјата, блиску до нивните бојни места. Шишман сега ококорено и вкочането непрестајно гледаше во Србина, со усул погледнува лево, па десно да види дали некој ги гледа. Долго време помина така. Потоа тој ја откачи лопатката од појасот и почна да копа пред себе, меѓу нозете. Шишман почна да се загледува де во Србина де во чудната работа што тој ја работеше. Знаеше дека братучедот прави нешто важно. За негово добро. Сеедно што Србин го отепа човекот. Шишман се однесуваше како самиот тој да е виновникот. А Србин нешто имаше смислено. Тоа беше очигледно. Во неговите постапки имаше забележителна решителност. Ја ископа дупката пред себе длабока колку една педа и додека уште со раце ваѓаше земја, без да го сврти погледот, му рече на Шишмана: – Кутивчето. Дај ми го. Шишман се вознемири, но не можеше да не послуша. Го извади од џебот, му го даде. Србин погледна да не види некој и брзо го спушти на дното на дупката, го покри со земја и брзо-брзо ја запрета дупката. Стана, ја изгази земјата, ја замачка со нога, отиде неколку чекори погоре и пак се пласна на земја. Пак почна да копа дупка меѓу нозете пред себе. Шишман газечки се довлечка до него и сега уште позачудено го гледаше што прави. – Копај, – рече Србин. – Копај и ти. Шишман скоро уплашено го откачи лопатчето и нервозно почна да копа пред себе. Толку брзаше што Србин го опомена. Дупките беа готови. Србин почна да ја запретува, велејќи му на братучедот: – Претај и ти. Ги запретаа празни, ги изгазија, ги замачкаа и се преместија. Сега мируваа. Двајцата еден до друг на дното на окопот, со пушките во рацете меѓу нозе. Србин седеше со ведната глава, замислен, Шишман бескрајно загледан во него. Сонцето над нив беше сопнато во зенитот така што денот се чинеше бескраен. * Заодот на сонцето остави вжештен црвен версок на небото и оѕверен одблесок врз површината на езерската шир. Доловите се пополнија со темнина од што планињето изгледаа омекнати. Облиците по земјата оживеа како да се разбудиле од некој длабок приказен сон. Во далечината хоризонтот изгледаше како излез од некој студен безживотен подземен свет во кој царува темнината. Поради челичниот одблесок на езерската шир и ненавикнатоста на очите, мракот сè повеќе и повеќе се втестуваше. Фронтот како да беше поставен спроти светлината на хоризонтот; сега ќе треба да мине доста време додека војниците навикнат на темнината; тогаш ќе почнат да го распознаваат бришаниот простор пред себе и ќе го заборават хоризонтот од загледаност во заплашувачките поединости пред нив. Србин, чувствувајќи се како врапче во дланката на непроѕирната ноќ, потамина, сеќавајќи се на одмерувањата што со поглед ги правеше уште додека беше ден, фрли камче кон Шишмана. Го фрли камчето, го чу шумот на разиграното паѓање таму некаде и вознемирено замолкна. Шишман требаше да му одговори, ако го чул. Дали и самиот тој ќе чуе кога Шишман ќе му одговори? Може да им се случи да се излажат несакајќи. Тогаш сите планови ќе пропаднат и можеби конечно ќе останат овде во мрежата на осветата. Од напнатост Србин дослушнуваше или му се чинеше дека слуша некакви крцкања. Времето толку се растегнуваше што почнуваше да губи надеж дека ќе дочека одговор. Веќе мислеше што ќе треба да стори за да ја поправи работата кога, неочекувано, нешто се зари во заштитното купче земја пред неговиот ров. Му олесна и, сеќавајќи се дека братучед му Шишман со камче погодува гуштер в око, беше сигурен дека е тоа неговиот одговор. Сега Србин малку ќе почека, како што се договорија. Во секундите што минуваа бродот на темнината го продолжи своето пловење во неизвеност. Го фрли и второто камче. Скоро исто по големина, во ист правец, со ист замав. Се трудеше така да постапи. Кога го доби вториот одговор, во очекување на времето да го фрли и последното камче, ја стави ногата во дупката од ровот, што по заповед беше направена да послужи како узенгија во случај на потреба да тргнат во јуриш на непријателот. Србин уште еднаш се потсети на целата постапка како тоа треба да се стори. Во заднината имаа неколку ископи во кои вежбаа брзо излегување за јуриш. За Шишмана не се плашеше; кога ќе му тропне третото камче тој ќе искочи како откачен од федер. Штом го чуе да падне. Во еден миг го облеа топлина после што како да се исплаши дека можеби грешат, но таа мисла не успеа да го потфати и понесе. Тоа го натера да побрза да го фрли и третото камче кон Шишмана. Како што го фрли така изрипа од ровот како да се фрла во бесознание. Заздивани, се најдоа во некој дол фрлени од некоја сила еден во друг; преплашени сами од себе, јурнаа по долот надолу како кон излез. Го пресекоа патот што се протега крај езерото, влегоа во некои ливади во кои зацапаа во водје, се пикнаа во капињето на некоја меѓа. Од заздиваност долго не можеа да проговорат па само се гледаа прашувајќи се што ќе чујат еден од друг. Оѕвереноста, недоодморени, ги истера од капињето на меѓата. Продолжија преку трупа низ лозја. Ги сопре, најпосле, стравот што во слепилото на ноќта го почувствуваа од можноста да удрат во француската војска. Се вовлекоа во аголот на височко замеѓено лозје. Тогаш изгреа и месечината па кога се најдоа во сенка како да се почувствуваа посигурни. Околината одблесна под месечевата светлина во која облиците се појавија голи, изменети, но уште понеодредени. Сенката во која беа засолнети беше како остров среде море сомнителности. Молчеа така со поглед опредметувајќи ги облиците, наслушнувајќи ја стварноста, сè до утрото. Во мугрите излегоа од дувлото. Освојуваа лозје по лозје, пребегнуваа од грмушка до грмушка и од меѓа до меѓа додека не излегоа на патот што од џадето се исправа нагоре кон селата. Оттука здогледаа шатор голем како зимница меѓу оревите. Префрлија преку патот па низ бавчите се приближија. Застанаа зад еден ѕид, ѕиркаа, преѕиркуваа, разгледуваа, но ништо не видоа. Шаторот како да беше напуштен, што на нив не им се веруваше зашто пред шаторот отстрана се спростираше долга маса со столици од двете страни, потаму казан и други работи за готвење крај огништето на отворено, некако сè изгледаше подредено за да биде оставено само на себе. Ги извадија од пазувите белите шамии приготвени уште откако се решија да бегаат. Ова што идеше беше последно што требаше да се стори та да видат каква ќе им биде среќата. Не си признаа, но двајцата во себе помислуваа дека после ова премрежие, можеби уште довечер да се најдат дома. Затоа беа и исплашени но и радосни, нестрпливо радосни. – Ајде, – рече Шишман нестрплив еднаш веќе да тргне преку следниот рид и да кацне дома одненадеж и за домашните и за себе. Србин се плашеше дека уште нешто треба да сторат. – Чекај, – рече тој. Плашејќи се од следниот чекор реши уште еднаш да се договорат како да постапат при предавањето. – Вака, – рече Србин кревајќи ги рацете со белата крпа во десната рака. – Ке ги фрлиш рацете нагоре и ќе велиш: Се предаваме! Се предаваме! Кај да е ќе разберат … Шишман, подрасчекорен, зинат во братучедот, со ококорени очи повтори: – Вака, – рече и фрлајќи ги рацете нагоре свика: – Се предаваме, се пре… – Не викај! – спиште Србин. Шишман повтори како омалдушен и со израз на покајание: – Се предаваме, – рече млако. – Така некако, – рече Србин и почна да разгледува околу себе како да заборавил нешто. Најпосле се совзеде одеднаш решен: – Сега, ајде… Го префрлија ѕидот и заодија со дикат, скоро како на прсти. Се надеваа дека сепак ќе видат некој војник но во утринскиот штут го слушаа само цвркотот на некоја разбудена птица. Се приближуваа кон оревот кога одеднаш Шишман подзастана: – Абе, – рече длабоко и зборот зататни како да се наоѓаат во некоја голема бочва. Србин стаписано застана и го погледна. Шишман виновно рече: – Можеби ќе беше подобро ако одевме со кренати раце, а, – присторе и тоа А-то зататни. Србин ја собра главата меѓу рамениците и откако се позамисли, рече: – Арно велиш, – рече и ја извади белата крпа. Продолжија со кренати раце. Поминаа на преминот преку ѕидчето под оревот и удрија право на масата испречена на нивниот пат кон шаторот. На масата беа оставени нешто канчиња и едно големо алуминиумско тенџере, покриено, со црпалка внатре. Влезот во шаторот беше затворен. Почекаа некое време мислејќи дека стражарот е некаде зад шаторот па може секој час да се појави. Чекањето стана толку долго што Шишман веќе ги починуваше рацете ставени на тилот, а на Србина му тежеа како воденички камен да има кренато. Заморот Србина го натера да тргне крај масата натаму. Ја изминаа масата, се приближија кон шаторот, заодија натаму па зад шаторот и од другата страна одоколу додека не се најдоа пак кај масата. Ни жива душа не најдоа. Одеа доста скраја од шаторот за да можат нешто да забележат. Отидоа од другата страна на масата, каде што дојдоа. Гривата на планината далеку над нив побелуваше пред изгрејсонцето. Србин се притаи и давајќи му знак на Шишмана со ставање на прстот на носот, тргна сам кон влезот на шаторот. Се доближи со срцето слезено во петиците, се доближа некако, со еден прст ја поттргна полата и ѕирна: војската внатре спиеше како заклана. Се врати со израз на вчудоневиденост на лицето. – Спијат, – му шепна на Шишмана. Не знаејќи што да прават, очаено седнаа на трпезата пред нив. Србин се налакти и си ја зеде главата под левата рака покривајќи го темето со дланката. Шишман си го триеше вратот. Потоа му беше здодевно и се загледа во тенџерето пред себе. Прво го пипна со прст па почна да го пипа со прсти додека најпосле не го стави меѓу своите пространи дланки. Знаеше што му е намерата, но се плашеше од Србина да не го искара. Откако се двоумеше колку што можеше и не можеше долго, се сврте кон Србина, му рече: – Брачо! Да ѕирнам што има во тенџерево! Србин како да се созеде од замисленоста во која беше попаднат. – Види, ама со дикат, – рече. Шишман, потстанувајќи, го поткрена капакот и го внесе лицето во тенџерето. Се сврте кон Србина со капакот кренат зад главата. – Или чај или кафе, – рече. Србин ништо не му одговори. Тогаш Шишман го праша: – Да го пробам? – Пробај го, – рамнодушно рече Србин. Шишман внимателно го Остави капакот на масата, го фати огромното тенџере со двете раце, го подзаклацка и виде дека течноста се измати. Изненадено рече: – Кафе! – Пробај да видиш, – сега веќе заинтересирано рече Србин. Шишман го накрена тенџерето и внимателмо лизна од течноста. Замласка со усните и се загледа во Србина. – Не е кафе, – рече Шишман и изненадено и зачудено. – Убаво ли е? – праша Србин. – Слатко е. – Тогаш какво е ако не е ни кафе ни чај ? – праша Србин. Шишман го крена пак тенџерето откако ги крена рамениците пред Србина и се запи до заборавање. – Многу убаво, – рече Шишман со насмевка раширена преку целото лице и незабележувајќи дека Србин веќе потстанал од полакоменост и тој да проба. Мораше скоро да му го земе тенџерето, кое сега во неговите раце изгледаше несмасно големо. – Вистина е убаво, – рече Србин. – Ама многу е убаво, – рече Шишман. – Само кој знае што е, – рече Србин. – И јас не знам, – рече Шишман. Додека тие така го откриваа какаото, планината пред нив веќе беше преплавена со предесенска сончевина во чиј сјај лисјата поцрвенуваа. Од шаторот излезе гологлав француски војник по кошула. Како што излезе така се протегна загледувајќи се во сончевината потечена надолу да го преплави и полето. Отиде потоа зад шаторот понадвор, а Србин и Шишман станаа од столот. – Не нè виде, – рече Шишман уплашено. – Не нè виде, – потврди Србин и се извлече од масата. Излегоа од предната страна. Ги закреваа рацете свртени еден кон друг. – Сега ќе му се предадеме, – рече Србин. Се наместија како за сликање и чекаа Французот да се врати од понадвор. На Србина тогаш му текна: – Крпите, – рече. Ги имаа заборавено на масата. Ги грабнаа на брзина и се вратија, пак се наместија за предавање и тогаш Французот, свиркајќи, се врати од понадвор загледан во врзувањето на панталоните. Братучедите ги запоткреваа рацете готови да почнат повторувачки да ги скандираат зборовите што требаше да ги изговорат. Французот беше толку зафатен со панталоните што кога беше готов, задоволно си ја стави раката на стомавот и дури тогаш ја крена главата и ги здогледа двајцата бугарски војници. Толку се стаписа што само присторе: – Господи, – си рече по француски и неколку моменти како да беше маѓепсан. Братучедите го искористија моментот и јурнаа кон него со кренати раце повторувајќи: – Се предаваме! Се предаваме!… Французот преплашен свреска и прсна да бега. Во шаторот настапи некоја турканица, се крена врева после што истрчаа војници заоблечени и недооблечени, некои со пушки, некои со шлемови, се растрчаа во неодредени правци не знаејќи што се случува, а братучедите се тутнаа еден во друг и само се вртеа на сите страни неодлепувајќи се еден од друг. Најпосле војската се собра во толпа на отстојание пред непријателските војници кои преплашено, стегнати еден во друг се држеа еден со друг цврсто стегнати. Сега беше пак за бегање, но немаа каде. Неочекувано од толпата војници без збор се издвои едно човече со криви нозе, главинесто и им се приблиза на братучедите со зачуденост на лицето. Туку присторе човечето по нашенски: – Ај!… Па вие сте Србин и Шишман! – Ние сме, – рече Србин не верувајќи си на очите. На сон да го имаше видено не ќе поверуваше дека овде ќе го најде Љакето кого Шишман го тепаше каде што ќе го достасаше. – Јас сум. Љаке. Што ме гледаш така! – рече Љаке. – Па што бараш ти овде? – рече Србин. – Терџоман, – се пофали Љаке. Шишман од прерадуваност не можеше повеќе да издржи. Целиот се разблази и подавајќи ги рацете за прегратка кон Љакета туку рече: – Пусти Љаке, – рече и ќе му се обесеше на вратот. Љаке се поттргна назад, му се натопори, испиште: – Одби! Одби! Горе рацете! Види го ти него, – поблаго додаде кога виде како Шишман пак ги оптега рацете нагоре заедно со белата шамија. Французите беа наполно занемени додека некој не се сети да го праша Љакета што е оваа работа. Љаке наместо да им каже дека се од исто село, рече: – Што да ги прашам? Се истурка напред еден со засукани мустаци, по кошула како сите другите. Рече: – Прашај ги кој се и што сакаат? – Кои сте вие? – ги праша Љаке. – Ебаго и ти, Љаке, – присторе Шишман разочарано. – Ве прашувам кои сте, – рече Љаке строго. Србин и Шишман се погледнаа, поткренаа раменици. Србин рече: – Јас сум Србин Витанов. Како што знаеш, Љаке, – рече Србин. – А јас Петре Шајков. Ако, ако, – рече Шишман. Љаке преведе: – Господине капетане, тие се Серб и Пјер. – Што сакаат? – праша капетанот. – Што сакате? – ги праша Љаке. – Се предаваме, – рече Србин, а Шишман замавта со белата шамија вртејќи го погледот по сите околу нив. – Се предаваат, господине капетане, – преведе Љаке. – Од која единица сте? – праша капетанот. – Од која единица сте? – Четврта рота, 53 пехотински полк, – рече Србин подзастанувајќи мирно по инстинкт. Љаке преведе, капетанот пак праша: – Каде им е оружјето? – Каде ви е оружјето? – Го оставивме. Незгодно за бегање, рече Србин. – Како чегалки пустињето, – рече Шишман. – Побегнале без оружје, – преведе Љаке. Капетанот малку помисли, им рече нешто на Французите и брзо-брзо двајца отрчаа кон шаторот. Додека чекаа, Шишман праша: – Љаке, лебати, што ќе ни прават? – Рацете горе и одби, – рече Љаке, ставајќи ги рацете на грб и развртувајќи се важно со горната половина на телото. – Што велат? – праша некој од војниците. – Неслужбени глупости, – рече Љаке. – Љаке, – рече Србин. – Стори ни абер ако е нешто опасно. Жити сè што ти е најмило. Љаке не ги удостои ни со поглед. Капетанот праша: – Сега што велат? – Се плашат, господине капетане, – рече Љаке. Оние двајца Французи се вратија облечени, со ножеви на пушките. Ги стегнаа кундаците под мишка, ги потераа заробениците под оревот. Таму ги натераа да седнат на ѕидот, а тие застанаа со пушките на рамо од двете страни. Војниците се растурија во групички, полека се вратија во шаторот за да го почнат денот онака како што беа навикнати. Готвачот, малку потаму од заробениците, распали оган во огништето, го крена тенџерето, го однесе некаде зад шаторот. Се врати со посотката полна вода, ја стави на огнот. Додека чекаше водата да зоврие ги гледаше заумено заробениците. И тие го гледаа него. Готвачот едно време им намигна и стана да го прибере огнот. Шишман и Србин се погледнаа, зачудени. Нивните погледи најмногу го бараа Љакета. Во двајцата полека но заплашувачки се креваше лутина. Во униформа, со баретка на главата, личеше ва човек. Единствено во нозете беше покрив одошто макар кога порано. А тој очигледно ги предизвикуваше. Се правеше дека не ги гледа. Од фодулак де ќе се заклатеше од едната крива нога на другата пред еден де кај друг: многу нешто зборуваше како и тој да е некој овде меѓу Французите. Ене го излегува од шаторот со книга во рацете. Излезе неколку чекора напред, застана со подрасчекорени нозе, ја крена главата издолжувајќи го вратот и бидејќи снизок, малечок, изгледа како петел на буниште. Така и викна, изговори некое име изгледа. – Етјен Жув, – извика Љаке. Го бара со поглед, но Етјен Жув не се јавува. Љаке сега извика поткревајќи се на нозе. А погледот му се искрадува кон заробениците да види дали го гледаат кој е и што е тој. – Етјен Жув, – извика Љаке. – Мамето мамино, – додаде колку за заробениците. Етјен се јави: – Еве сум. – Ве вика господин капетанот, – сервилно рече Љаке и се навлече во шаторот. Етјен ја остави порцијата на масата и тргна кон шаторот. Заробениците го испратија Љакета во шаторот и го стегнаа со погледите таму како да го смачкуваат. – Да ми падне в раце, – рече Шишман, – ќе му ги расчеречам тие ноџињата криви негови. – Нè начека, – рече Србин. – Нè начека, – потврди Шишман. – Само, – рече Србин, – да ми е да знам што плетка ни плете. Појадокот заврши а Љакета го немаше да се појави. Едно време излезе и ете го иде право кај заробениците. Застана на своите криви нозе пред нив, ги фркна рацете на грб. – Здрави, добри, а? – Сполај му на бога, – рече Србин. Молчеа малку. Љаке рече: – Не ми е лошо, а? Што велите? Србин и Шишман се погледнаа. Шишман го праша: – Лебати. Од каде тебе оваа ука? Љаке се удри со прстот по слепоочницата: – Штом имаш глава ништо не е тешко. Нели ви велев јас: снагата да ви ја имам, умот да ви го немам. – Љаке, присторе Шишман. – Да ти кажам, Шишмане, – рече Љаке. – Ги гледаш овие двајцата со штиковите. Само да мрднеш и ќе ти ги истурат цревата. Ова не ви е Брезница да фрлате со камење од висот та пиле по улица од вас да не може да мине. Сега можеш да ми се фатиш, да простиш. – Се менија времињата, – рече Србин. – И тоа како, – рече Љаке. Тројцата навидум беа спокојни, се преправаа како најпријателски да разговараат. Жолчката си ја истураа низ значењето на зборовите. Љаке, свесен за својата позиција, отворено кажа што дошол. Рече: – Туку да ве прашам јас. Знаете дека доста можам да ви помогнам, нели? Добро. Ќе речете оти сум останал фалбаџија, како што ме викавте. Ако. Јас таму, на овие моите, им се пофалив дека двајцата можам да ве кутнам. Така дојде разговорот. Да се фатиме, ама да паднеш, Шишмане, а? Бидува? Братучедите се погледнаа и брзо се разбраа. – Добро, – рече Шишман. Љаке ги сотре рацете. – Ама зборот-збор, – рече. – Немај грижа, – рече Србин. Љаке задоволно отиде да каже дека едниот, посилниот, го наговорил да се борат. Потоа Србин го праша Шишмана: – Ќе паднеш, а? – А што ќе паднам. Да му е жив коњот, – рече Шишман. Зачекаа без збор повеќе. Се појавија: Љаке напред, капетанот по него и уште пет-шест души по капетанот. – Донесете ги поваму, – од далеку им подвикна Љаке на стражарите. – Дојдете, дојдете поваму, – им рече на нив. Братучедите станаа. Тргнаа со стражарите зад нив и на пол пат, на ледина, се пресретнаа. – Со овој ќе се бориш? – праша капетанот покажувајќи на Шишмана. – Се разбира, – фодуло рече Љаке. Почна да ги сучи ракавите. – Ајде, што чекаш, – рече Љаке. – Јас сум готов, – рече Шишман. – Па, опасачот, матарката. Така наоблечен не можам ни да те фатам, – рече Љаке. Шишман се распаша, го соблече палтото. Љаке се разигра пред него сучејќи ги ракавите. – Ајде, ајде да те видам, – предизвикуваше. – Нападни ме де. Нели ти треба да ме кутнеш, – спокојно рече Шишман. – Нападни ме ти да те видам, – рече Љаке импресиониран од прстенот војници собрани околу нив. Тогаш Шишман онаков несмасен и несмасно пречекори напред ширнувајќи ги рацете, го собра Љакета во прегратката со целата негова расфрланост и го стегна качејќи му го глуждот во крстот. Сите мускули Љакету му попуштија и тогаш Шишман само го ослободи од прегратката. Фалбаџијата падна на земја како нешто од вреќа да се истури. Шишман се заврати еден чекор назад. Љаке сега, дека ослободен, скокна на нозе, му се пушти на Шишмана: – Мајче ќе ти плачам јас тебе, – рече побеснето. Војницте прснаа да се смеат. Капетанот се сети на каде тргнала работата и на време го фати разбеснетиот терџоман за мишки од позади. Го повлече кон шаторот. Војниците беа одушевени од снагата на Шишмана. Го оставија терџоманот, се собраа околу заробениците, некои почнаа да му ги пофаќаат мускулите. Братучедите ќе се спријателеа со војниците, но стражарите ги повлекоа на местото под оревот. Кога работата стивна Србин го праша Шишмана: – Да не му го скрши крстот, море, како на оној во Влашко. – Не, – рече Шишман. – Само го поапив и падна. Зарем не знаеш каква каша е Љаке? – Ќе потрпиме малку поради ова. – Ќе потрпиме, – рече Шишман. Пред ручок време двајца војници изнесоа маса од шаторот. По нив излезе капетанот со Љакета. Капетанот напред, Љаке в петици по него. Капетанот застана, разгледа наоколу. Војниците со масата чекаа малку потаму. Над шаторот беше врбјак и пред него убаво лединче на поткренато. Таму покажа со рака капетанот. Војниците ја однесоа масата на ледината и чекаа капетанот да им каже како да ја наместат. Ја ставија пред врбјакот. Војниците се вратија по стол. Го ставија зад масата. Потоа го донесоа знамето, го закачија в земја од десната страна на масата. Капетанот разгледа, му се допадна. За проба седна на столот зад масата, размисли малку, заклучи дека е добро. На Љакета му покажа на кое место од левата страна да стои. Љаке застана и тогаш капетанот седна. Им кажа на војниците нешто и тие отидоа кон заробениците. Сево ова братучедите го гледаа, се чудеа и чекаа. Кога стражарите ги поведоа, тргнаа, дојдоа пред масата, застанаа. Тие двајцата напред, со главите веднати, стражарите зад нив. Тогаш капетанот се сети. – Записничар! – рече. Четниот писар дојде со стол, го намести под знамето каде што му покажа капетанот, го извади моливот и готов за пишување зачека. – Сега да почнеме, – рече капетанот. Име и презиме, место и дата на раѓање … – Народност? – праша капетанот. – Народност? – преведе Љаке. Братучедите тука се збунија. Се погледнаа, не знаеја што да речат. Србин молежливо го праша Љакета: – Љаке, ти да не знаеш што сме? – Ние овде |сме Срби, а што сте вие таму не знаеме, – рече Љаке. – Па и ние да не сме Срби, – рече Шишман. – Пиши таму Срби, – рече Шишман. – Ете јас и Србин се викам, – рече Србин. – Лажете, – рече Љаке, – ама ќе преведам. Јас сум службено лице. Господине капетане, тие велат дека се Срби. На капетанот тоа не му направи никаков впечаток поради што Љаке зачудено ги погледна братучедите. – Едно лајно сме, Љаке! Нема што, – присторе Србин. Распитот премина на барање податоци од воен карактер. Капетанот ги опомена: – Да ја зборуваат вистината и само вистината! – Вели, – рече Љаке, – да не колне господ да сте излажале нешто. Орлите ќе ви ги искинат месата, – рече. – Или риби ќе ве изедат. – Што има тука за криење, – рече Србин. – Ама не, – рече Шишман. Капетанот праша: – Зошто се предавате? – Зошто да не се предаваме! – се зачуди Шишман. – Чекај, – рече Србин. – Зошто! Затоа што ние од печалба идевме, не одевме на војна. – Па и да одевме, – рече Шишман. – Не ќе одевме сами од себе. – Колку души има вашата чета, – праша капетанот. – 152. – 151, – рече Шишман. – А оној? – Па и тој таму им е, – рече Србин. – Кој тоа? – праша Љаке. – Еден се разболе, – рече Србин, – ама можеби ќе оздравее. Кој знае? – Ама не е за верување, – рече Шишман. – Со што сте наоружани? – праша капетанот. – Со пушки, – рече Србин. – И едно митролезче. – Кој тип? – праша капетанот. Братучедите се погледнаа, ги кренаа рамениците. – Како се укрепени окопите? – Господ да чува, – рече Србин. – Дека друга работа немаат, само носат нешто. Вчера трупци сечевме. – Кој положај го држи вашата чета? Србин се сврте кон фронтот, но не се гледаше. Рече: – Како да му кажеме. Над езеро речиси до селото нема војска. Ние сме од над селото до горе, до цуцето каде што има еден топ. Од топот онака други држат. – Каде сè има топови? – праша капетанот. – Еден е тој на цуцето. Ние нагоре не сме биле, ама војниците кажуваа оти еден имало кај оние стеничките горе, тој бил најголем и оваа страна до игралишта над Брезница уште пет имало ама на кои места не знаевме. Им треба ли тоа да го знаат? – Се разбира, – рече Љаке. – Французот не војува на памет. Само со писалки и со инструменти, – Их, како не знаевме, – рече Шишман. – Дали кажавте сè? – праша капетанот. – Кажи му, – рече Србин, – оти ние сме каил да кажеме и кој што сонувал а не онолкави топови да криеме. Љаке преведе. Капетанот задоволно пак се насмевна и рече дека распитот е готов. Србин тогаш праша: – Прашај го лебати што ќе стане со нас? – Прашуваат што ќе се случи со нив? – Ќе видиме, – рече капетанот. – Ќе чекаме одговор од штабот. – Ке видиме, – рече Љаке. Ги вратија на местото под оревот. Стражарите сега не стоеја туку со пушките меѓу нозе седеа на камењето зад нив. Војската седна да руча. Готвачот им донесе и на нив. Прво на нив, а потоа и на стражарите. Готвачот им даде полни порции макарони. Им даде и репете. Се изнапија вода и тогаш Шишман рече: – Јас заспав, – рече. Ги слепи рацете дланка на дланка, се навали на колк, ги стави рацете на еден камен, се навали, за‘рка. Сонуваше лично облечена војска. Шишман капетан. Командува. Војската јуриша на Бугарите со Шишмана напред, но не со пушки, туку по кошули, со ракавите запрегнати и со писалки в раце. Јурнуваат во окопите. Љаке ги фаќа непријателските војници, им ја трга кошулата од панталоните, ги држи, а Љаке доаѓа со писалката, им прави кругче околу папокот на гол мев. По нив иде војската со штикови и секого го дупат таму каде што е бележан. Шишман спие во окопот, толку му се спие што се плаши дека војската брзо ќе ги издупи бележаните и си вели: Барем уште малку да се забават та да се изнаспијам. Се разбуди целиот скршен од сопствената тежина налегната на камењето. Гледа – и Србин спие со главата навалена на колената. Стражарите ги немаше. Шишмана тоа го изненади до уплашеност. Со дикат го побутна Србина. Овој ја крена главата. Само ја сврте кон братучедот: ги отвори очите, го опули прашално. – Ги нема, – рече Шишман. Србин го крена погледот и преку чело виде дека Французите си се тука наоколу. – Овие зад нас ги нема? – Тие. – Хм. Па што имаа и да се мачат, – рече Србин. Попладнето веќе кршеше кон зајдисонце. Братучедите се умеа што прават, дали да станат да ги размрдаат нозете, да прашаат некако или да не мрдаат ако не сакаат што не им треба и туку тогаш од зад себе го чуја гласот на Љакета како им вели: – Станете ако сакате. Рашетајте. Само, тука, меѓу војската… Се изненадија кога го видоа седнат во ладот на ѕидот зад нив, со куп врбови прачки како плете некоја голема кошница: – Ти си ја тераш таа решетарската, – рече Србин. – Си ја терам, – рече Љаке. – Зошто да не! Кошници плетам, на месје капетанот му сервирам јадење, терџоман сум. Правам тоа што знам. Вие што знаете па да ве задржат тука. Братучедите се погледнаа. Србин погледна околу себе и стана. – Да му се приближиме, – му рече Шишману. – Нели пустото една семка, од едно село сме. Кој овде е свој ако не сме ние тројцата. – Мене многу во вас да не ме мешате, – рече Љаке. Братучедите седнаа до него. Србин седнувајќи рече: – Љаке, шапката на страна, што ќе биде со нас? – Не смеам да ви кажам, – рече Љаке, – ама уште не се знае. Едно во крпче да си го ставите: ништо не значи тоа што стражарите се тргнаа. Најголема сила во Франс ти е шпионажата. Она што ве распрашуваше месје каиетанот… – Демек… – присторе Србин. – Демек, тоа е да не знаеш кој кога те држи под око и зошто. – Аха, – рече Србин и реши нешто да запамети. –Убаво богами. Значи со ум ја тераат. Ти пак што кажа, – рече. – Само со ум, – отсече Љаке. – Туку, друго да те прашаме, – рече Србин не давајќи му да размисли за разговорот што го водеа. –Во Брезница одиш ли понекогаш? – Ни умот не ми се тргнал натаму откако ме зеде месје капетанот за терџоман. – Еве каде е бре, Љаке, – рече Шишман. – Така решив. Јас заедно со арме франсез ќе одам во Франс, ќе работам на имотот на месје капетанот, шеф ќе бидам. Ти, ми вели, само ќе надгледуваш и само флериња ќе режеш, џувки ќе правиш. Ке се вратам кога ќе бидам свој персонаж. – Убаво богами, – рече Србин, – а, в село, како е? – Проста работа, – рече Љаке. – Така си е, ама – живи здрави? Кој како е? – Вашите се сите добри. Ничо Ластагарков умре. Бугарите на повлекување собраа со нив во војска петшеснаесет души. Сите што не умееја да се спастрат како вас. На другите, само да живне малку фронтот, ќе им дојдат Србите, а тие, сами знаете, во мајчина ти да се пикниш, ќе те најдат. – Тие децата наши, Борка и Павле, мали ги оставивме, како се? – Живи голи на вас, – рече Љаке. – Како проодија така се натопорија на Висот и само фрчат камење. Од вашата семка здив нема селото. Братучедите се погледнаа како божем да му се чудат на умот. А Љаке си ја работеше работата како курдисан: без прекин, брзо и итро. И тоа ги лутеше. Не тоа што му завидуваа за убавото работење. Туку тоа што тој секогаш сè правеше за да се покаже, секогаш како за сликање. Затоа, откако се паметат, Љаке на двајцата им бил како шемкало под стопало. Шишман праша задоволен од зборовите што ги чу: –Велиш: здрави, добри – пуцковци? Децата? – Ајдамаци, – важно одврати Љаке. Братучедите сфатија дека верба во Љакета не можат да имаат. Сега кога беа дојдени скоро на пол пат од фронтот до Брезница. На неколку пати се обидоа да го подземат. Тие знаеја дека од него помош не можат да имаат, но како да не се занесеш во надеж кога ене онаму од ридот да скочиш низ баџа дома на софра ќе се најдеш. Србин го подзема: – Ти значи, тргна за туѓина. – За Франција, да, – вели Љаке. – А ние? – прашува Србин. – Вие – што ќе ви даде Господ. Дедо попот како велеше: секој си го носи крстот вовезан. Од лутина на Шишмана некако му се разлеа лицето, усните му се оторбешија, погледот му висна настрана. Рече: – Море Љаке. А ако те згаштат оние другите. Да знаеш дека не ти гини скусување колку за една педа. – Не повеќе, – рече Србин. – Хе. Може. Ама не се гоштевајте на мене кога си знаете дека сега сте вие ставени на маса. Не знаете дали ќе ве накачат на виљушка или ќе ве фрлат на кучињата. Хе–хе. Така е или не? Братучедите како да не се плашеа веќе од најлошото. Средбата со Љакета сепак ги подослободи. Станаа доста зборливи за сметка на повлеченоста од која можеа да насетуваат како кучиња. Тоа еден на друг не си го доверија, но веруваа дека Французите, сега кога се толку блиску до своите домови, сепак ќе ги пуштат. Тоа ги поразгали. Љаке заканувачки дотрча од шаторот. Братучедите, седнати на грмот под големиот орев туку што се решаваа да станат да си ги измијат порциите од ручекот. Љаке ги ширна нозете како магаре пред мост пред нив. Замавна со раката наназад, кон шаторот како да ги тера. Рече: – Кој враг ве изора да дојдете овде. Баш на нас да удрите. На командантот мој. Јок го сторија. Поради вас. Што бил тој уште да ве држи овде, му рекоа на месјето. А ние будалите одговор чекавме, репондр. За кого? За никого. Прописно напишавме извештај, го испративме по канален ред. Приер пур вотр репондр. И што ни остануваше друго освен да атандираме. Што чекате! Собирајте ги парталите, ќе ве носат некаде… – Каде ќе нè носат? – Џом! – рече Љаке. – Љаке, жити мајка, – го помоли Шишман. – Љаке, да не нè земеш на душа, море. – Нема на душа и не на душа. Ова е офисиелмон. – Љаке, – рече Србин фаќајќи го за ракав. – Не разбирам што баеш, ама кажи што е работата. Љаке се тргна од него како додеван од подолен од себе. Потоа ја сотре брадата. Ги изгледа двајцата од главата до петиците. Рече: – Лајна низаедни. Не било кому му е речено, туку кому му е печено. Јас тука со бог и душа чекам, а вас во Франција ќе ве носат, – завидливо рече Љаке. – Право во Франција! Ова беше шанса за Љакета: – Како да не. Ене го параходот онде под патот на вас чека да тргне. Прости луѓе сте вие. Знаете ли вие како се оди во Франција сега во воено време или не? Преку мориња се минува. Можеби и шест месеци да патувате. – Убаво богами, – рече Србин. Отруено. – А сега до каде одиме? – праша Шишман. Неочекувано. – Сега прво до штабот. Во Ливаѓе. – И веднаш тргаме? – Веднаш, веднаш, – рече Љаке и, потсетен дека се задржал повеќе одошто треба, тргна да си оди кон шатарот. Неочекувано, Србин потрча по него, го фати за ракав. Молежливо го загледа па му рече: – Слушај. Направи ни една добрина. Кажи, по француски, како се вели: Пушти нè, господине, до Брезница колку децата да си ги видиме. Жити се што ти е најмило. – А зошто ви е тоа? – Така. Колку да знаеме. Од тоа умот нема да ти се потроши. – Аха, – рече Љаке. – Вака. Чекај, полесно вака: Месје, тоа знаете. Тоа е прво. После: Лесе… Чекај: Лесе нувуар нозанфан. Така: Лесе нувуар нозанфан. – А месје? – Тоа е најлесно. Само да не е на средина. Или почни или заврши со месје. – А другото како? – А тоа другото? – Лесе нувуар нозанфан. – Лесе … После како беше? – Нувуар нозанфан, – нагласено изгавори Љаке. – Аха, – рече Србин. – Нувуар. Лесе нувуар. – Лесе нувуар нозанфан. – Чекај. Не целото. Кој ќе го запамети. Ова што го реков јас, а другото братучедот. – Јас, – рече Шишман. – Боже пази! Се сопна работата. Помолчеа малку и Србин пак се охрабри: – Вака значи: Месје, ле … Како беше? – Лесе нувуар нозанфан. – Лесе нувуар… – повтори Србин и пак се закочи. – Нозанфан. – Нозанфан. Чекај сега, Лесе, месје… – Месје, лесе . . – Шитлики-митлики, – рече Србин и ја батали таа работа – Оди, па што ќе е среќа. Љаке ги крена рамениците, отиде. Одеднаш Шишман рече пресреќен: – Нувуар. Тоа го запаметив. – Мене уште месје ми остана во главата. – Два збора, – рече Шишман, – не е малу. Да запневме можевме да научиме. – Знам, – рече Србин и седна на камењето. До него се спушти и Шишман. Молчеа и чекаа да ги поведат. Сами погодуваа оти прво ќе ги носат во Ливаѓе каде што беше штабот. Двајца наоружани француски војници се измолкнаа од шаторот. Имаа по една торба на рамо и по една в раце. Им намавнаа со рака на заробениците. Тие станаа, забрзано тргна кон спроводниците. Камчето во матарката на Шишмана затропа. Војниците им подадоа по една торба, другите што беа тука околу се собраа околу нив. Србин и Шишман на разделба жално ги погледаа. Во погледите на војниците, кои знаеја дека заробениците одат во нивната патри ги гледаа со завист. Еден му подаде рака на Шишмана. Почнаа двајцата да се ракуваат со сите. И други дотрчаа. Се ракуваа и нешто кажуваа, поздрави до ла патри праќаа. А Љакета никаде го немаше. Србин ја крена главата кон едниот од спроводниците: – Месје, – рече покажувајќи со десната рака поздравување. – Љаке, месје, – рече. – Лаке, – викна војникот. – Љаке! Љаке! – се развикаа сите. Љаке се појави целиот окапан. Им се приближи, им подаде рака. Рече: – Навикнав на вас, ѓавол да ве земе. Очите му се наполнија со солзи. Братучедите на тоа уште по еднаш се поздравија со Љакета. Шишман тогаш рече: – А месје капетанот! Војниците развеселени се развикаа по капетанот. Тој излезе, строго ги погледна војниците, им свика: – Што е? Што викате? – Заробениците сакаат да се поздрават, – му рекоа. Капетанот малку се поуми, но попушти, пристапи. Се поздрави прво со Србина. Шишман му ја задржа раката, го замоли Љакета: – Љаке, рече, кажи му оти како татко го имавме. – Велат дека како татко ве имале, месје, – преведе. Тоа ги расположи сите. Капетанот го засука мустаќот, задоволно се насмевна, го потупка Шишмана по рамо: – Мерси. Мерси, – рече. – Оревуар. – Аревур, – рече Шишман. Излегоа долу на џадето и молчешкум заодија по макадамот. Ни Французите немаа многу што да си кажат. На припекот полека но сè повеќе цокулите отежнуваа, телата им се потеа. Камчето во матарката на Шишмана тропаше во некој чуден ритам од кој едниот од војниците почна да чувствува замор. Скоро и Французот веќе не можеше. Постојано ја гледаше матарката на колкот на Шишмана како се мафта и ништо не можеше да смисли. Се сети дека неговата матарка е поставена со шајак. Ја откачи од појасот, ја истури водата, се ведна, зеде едно камче, го стави во матарката, ја заниша – камчето внатре тропаше доста тапо. Направи два побрзи чекора и го фати Шишмана за ременот. Му ја симна матарката, му ја закачи својата, го пушти. Потоа, без збор, фаќајќи го за ракав, го задржа својот другар колку да останат пооддалечени зад заробениците што беше уште една гаранција дека кљакарчето на Шишмана помалку ќе се слуша. Тропањето на камчето сепак се слушаше – доволно да ги нервира и недоволно да им биде згодно пак да се расправаат поради тоа. Французот, со надеж дека ќе издржи, почна на својот колега да му раскажува за доживувањето на некој свој пријател во Антиб. Пријателот се доверувал нешто во врска со жена си додека некој зад нив, несвесно, тропал со киска клучеви внимателно вслушан во својот соговорник на соседната маса. Како што продолжуваше да раскажува така тропањето на камчето во матарката на Шишмана, аритмично, му ја прекинуваше нишката на кажувањето секогаш каде што најмалку треба. Почна да се плаши дека или не ќе може да издржи или ова тропање ќе му го одземе задоволството на раскажувањето токму во моментот кога ќе дојде до поентата на анегдотата, до неочекуваната тепачка што требаше да предизвика смеа. Зашто тапото тропање на камчето во матарката на Шишмана, колку да беше стивнато, во ушите на Французот стануваше сè почујно. Но тогаш се приближија кон крстопатот за Ливаѓе и Брезница. Братучедите имаа намислено како знаат да минат низ Брезница. Затоа го фатија патот кон Брезница. Французите, занесени во својот разговор, тргнаа исто така по нив. Уште малку и братучедите почнаа да бидуваат сигурни дека овој дел од работата е готов. И ќе беше ако едниот од Французите успееше да го истера од главата тропањето на камчето во матарката. Се сети и потрча по нив. Ги фатија за мишки, ги враќаат назад на правиот пат. Братучедите ги закопаа нозете тука на место и не мрдаат – Србин се тегави колку што може и не може, а Шишман како камен се вкопа во макадамот. Французите викаа нешто што братучедите само го подразбираа, а братучедите не мрдајќи од место молеа. Долго траеше немичкиот јазик помеѓу четворицата. Ако попуштат веќе отпаѓа надежта да си го видат селото. Решија да не се даваат додека можат. Бидејќи со молењето одат повеќе зборови, едно време на Французите им остана само да слушаат, толку што беа надзборувани и надмафтани. Братучедите зборуваа и со нозе и со раце. Покажуваа каде е Брезница. Колку е блиску. Ене од оној другиот свиок веќе се гледа. Очите да им пукнат ако не е така. Луѓе се, нека разберат. Фамилии дома имаат. Мајки, татковци, жени и деца. Малечки деца. Олцкави. Чиниш колку матарките. Старите можеби се болни. Можеби умираат. И ќе умрат додека да се вратат од каде шго ги носат, ако се вратат. Зарем така, невидени. На секои неколку зборови Србин повторуваше: – Аман бре месје… Мали деца, месје. Ете каде е, нувуар, месје… – За аревур бре месје, – истовремено повторуваше и Шишман. – Аревур, месје. Колку за аревур. Жими бога… Братучедите молеа толку од петици и се понападно, што Французите почнаа физички да се бранат. Братучедите ги префаќаа за раце, за мишки, за рамена, ги влечеа, ќе почнеа и да ги туркаат. Знаеја дека војниците сепак ги сфаќаат и после сето познанство незгодно им е да употребат сила. Но од свои причини, Французите не можеа да отстапат, па во еден момент едниот, а по него и другиот, се тргна назад, се фати за ременот од пушката, се вкочени и заповедно им го покажа патот што води право кон Ливаѓе. Братучедите помирени, ги собраа рамениците и како кучиња со подвиени опашки, тргнаа пред нив. И криво им беше ама уште повеќе жал. После толку време, толку свет поминат, скоро под стреата на сопствената куќа да минеш и со своите да не се видиш. Кој Брезничанец на нив ќе им верува оти на два залака леб од дома дошле и не можеле колку барем да подвикнат. Ама што ќе правиш. Пишано. Одеа така пред војниците тагувајќи и фаќајќи се за нова надеж. Како што одеа така, туку едно време Шишман гласно си рече колку за себе: – Ќе му кажам јас нему. Ќе види тој. Србин ништо не му одговори. Често Шишману туку ќе му се откачеше некој котелец, гласно ќе кажеше некое делче од долгиот монолог што сам со себе го водел. Продолжија. По педесетина чекори Шишман пак рече: – Да му кажам ли, а? Србин не знаеше што да му одговори иако сфати дека прашањето по малку се однесува на него. Туку –така рече: – Кажи му. Оти и нему му беше смачено поради изгубената надеж да си ги види домашните. Кога братучед му застана, застана и тој да гледа што ќе се случува. Шишман се фати за појас, ја откачи матарката што ја доби од Французот. Токму тогаш војниците им се приближија, застанаа зачудени што се случува. Шишман му ја подаде матарката. Со едната рака му ја подаваше со другата ја бараше својата. Рече: – Секој своето, месје, штом така била работата, – рече Шишман налутено и навредено. Французите се погледнаа зачудени, ништо не сфаќајќи иако барањето беше очигледно. Шишман остана на своето додека најпосле Французинот, кревајќи ги рамениците во недоумение, не ја откачи матарката и му ја врати. Шишман дури тогаш, откако својата матарка ја стави в раце, туѓата ја преврте и го истресе камчето од неа. Налутено се сврте од нив и местејќи си ја својата матарка на појасот, продолжи сè така со навреден израз. Кога се пооддалечија едни од други малку жалејќи за случката Шишман рече: – Што, па да не му држам атер кога се такви. Дојдоа до мост преку суводолица; не минаа преку мостот туку под мостот. Французите тоа ги вџаши од несфаќање зошто го одбегнуваат мостот и сигурно помислија дека тоа било поради камчето. Зашто кога беа среде патот Шишман се ведна и пак си зеде камче. Не го стави во матарката. Французите се погледнаа. Молчејќи ги следеа братучедите внимателно гледајќи што ќе се случи. Како за инат кљакарчето на Шишмана долго не закљака. Но и Србин како да беше изненаден па го праша братучедот: – Камчето, не го ставаш да закљака? – Зошто, – рече Шишман. – За инает не го ставам. Французите се фатија себеси во сè понестрпливо очекување да затропа камчето во матарката на Шишмана. Знаеја дека ги нажалија со тоа што не ги послушаа да минат низ Брезница. Се плашеа дека некој ќе ги види и дека многу би се задржале таму. Па сепак им беше криво толку што скоро заборавија зошто не им излегоа во пресрет. Премногу се замислија самите себеси во слична положба за да можат да не си замерат. Затоа сакаа да ја чујат кљакашката на Шишмана што ќе значеше дека тој престанал да мисли на тоа. Сите овие мисли низ нив се прелеваа и мешаа во вид на расположенија па така просто се фатија во нестрпливо очекување да го чујат тропањето на камчето. Едниот од нив толку изгуби трпение што зачекори побрзо, го фати Шишмана за рамето. – Камчето, – му рече по француски. Истовремено со прст покажа на матарката. Го повтори зборот, му ја фати матарката, ја заклати. Штом сфати, Шишман се намурти. Силно ја фати матарката за грло и се тргна од Французот. – Ја, – присторе Шишман скоро кривејќи му се. Србин ништо не рече. Одвреме–навреме се обѕрнуваше назад да види што прават Французите. Бидејќи не забележа ништо вознемирувачко, по некое време, престана да им обраќа внимание и си го продолжи патот гледајќи пред нозе и мислејќи си го своето мислење. На влегување во Долнени, селото пред Ливаѓе, одеднаш Шишман рече: – Да го ставам, а? Што велиш? – Стави го, – рече Србин и се сврте кон војниците зад нив. Двајцата молчеа и уште изгледаа шпиртосани. Кога го видоа Србина како се обѕира, се издолжија во лицата и не видоа кога Шишман го спуштил камчето. Туку одеднаш чуја како тоа кљака во отворената матарка на Шишмана, одекнувајќи. Сега, пак, Србин се сврте кон нив. Шишман во никого не се опули. Заинатено го закочи вратот и продолжи удирајќи некако посилно со ногата на онаа страна на којашто му висеше матарката. Братучедите сега се чувствуваа скоро како да влегуваат во Брезница. Долнени, тоа беше тета Сандра. Баба им Трена, бог да ја прости, мајка на татка му на Србина, беше одовде. Ќерка ѝ Сандра, пак, беше омажена за тетина Јолета, овде во Долнени. Тетин Јоле, си рекоа, може да е на војна, но тета Сандра треба да е тука и треба да ја видат некако. Немаа намера да ги молат Французите. Затоа Шишман поттупнуваше посилно со левата нога. Нека се чуе. Нека се разбере дека сугарињата на тета идат. Така им велеше тетка им Сандра кога со родителите на Арангел и на Пречиста идеа на гости. Кога ќе влезеа в село гостите од Брезница во тајфа, децата со врева ќе потрчаа напред и тета Сандра, зашто куќата им беше овде на патот, ќе ги чуеше од балконот кон улица каде што чекаше, и штом го чуеше клакарчето на Шишмана, знаеше дека нејзините ѝ идат на гости. Камчето во матарката на Шишмана тропаше и тие сè повеќе навлегуваа во селото, се приближуваа кон куќата на тета Сандра. Двајцата почна да ги обзема возбуда што чиниш толку ќе ги крене од земја. Мислеа дека се воздржуваат од брзање, а, всушност, чекореа подолго и почесто. Французите ништо од тоа не сфатија. Побрзуваа и тие по нив несвесно, иако отстојанието помеѓу двете двојки се зголемуваше. Братучедите ги препознаваа куќите, портите, местата и сè повеќе се соживуваа не само со она што треба да им го донесе моментот туку и со сите доаѓања во селово од првиот до последниот пат. Еве ја превисоката порта на оној еден тетин, исто така, тетин Герман каде што Шишман скрши стомне и после за да не плаче некоја жена му даде цела свадбарска џувка со шекерчиња. Таму в лево е сокачето по коешто се влегува кај Макаровци. Оздола живее оној Крстин шлакнатиот, како што го знаеја, што се ожени за Зојка од Брезница. И еве го балкончето на куќата на тетка Сандра. Неа ја нема. Никого нема. Ни тетина Јолета. Ги нема ни децата, Милета и Танчета. Во разградениот двор пред куќата преткаат неколку кокошки. Сепак, тука е некој од нив, ќе ги чуе, ќе ги види, ќе подвикнат. Беа пред самата куќа кога подзинато застанаа. На ниеден од четирите прозорци немаше стакла, а однатре на железата беше натискано сламиште. Тогаш забележаа дека и балконот е скоро разграден, одвај на него се држат уште неколку тараби. Французите застанаа зад нив, почнаа да ги загледуваат, да се чудат што станува Шишман прв го крена својот поглед со очи големи како филџани, бледи од тагата. – Што е? – прашуваа Французите по француски. Што е? Братучедите го разбраа прашањето, но беа толку занемени што не можеа да се сетат на ниеден мајчин збор. Во нивните погледи тлееше тага и вџашеност како устоена вода во бара. Не можејќи ништо да кажат, разгледаа наоколу и кога не видоа никого, помирено, полека, го продолжија патот пред војниците. Се движеа малдисано и безнадежно. При првото тропање на камчето, Шишман ја фати со рака матарката зашто неговиот звук му изгледаше непристоен. По неколку чекори подзастана, го истури во дланката на раката. Французите вчудоневидено се погледнаа, но беа немоќни за макар каков заклучок. До куќата на тетката, тие не видоа луѓе. Нивните погледи избезумено бараа жив човек. Ова беше време кога мажите се уште по работа. Сега се берат пченките, гравот, се откопуваат компири, целиот бериќет се бере. Затоа и треба да сретнат луѓе што со товари дотеруваат нешто дома. Видоа некого по долот нагоре како тера маска со кошеви од двете страни, но тој беше премногу далеку. Одоздола се зададе човек со нарамник мисериште. Него ќе го запрат. Се премислија кога веднаш по него се зададе друг човек како води магаре без самар. Таман него мислеа да го прашаат, кога од јазот одоздола се зададе жена со котел преку рамо и исцедени алишта преку рака. Таа како од земја да никна и се најде пред нив. Кога ѝ застанаа вака чудно облечени, во бугарски алишта, распашани, со двајца стражари зад нив, таа се исплаши, отстапи и сакаше да побегне, но во последниот момент ги препозна. – Талеле, – присторе жената. – Вие ли сте бре? – Ние сме, Божано, – рече Србин. – Што се случило со тета Сандра? – веднаш праша тој. – Пуста тета наша, – рече таа како да реди на гробишта. – Ни на душманот бог нејзината среќа да не му ја даде. Него го претепаа Србите. Војник не сакаше да им оди, а таа кутрата, господ да ѝ прости… – рече Божана – ѝ се стегна грлото и дури откако ѝ потекоа солзи од очите, бришејќи ги, изговори некако: – Се обеси. – А децата? – праша Србин. – Децата, – рече Божана, – ги зедоа вашите во Брезница. Додека тие вака разговараа, застанаа до нив човекот со нарамникот и оној другиот што го водеше магарето. И други луѓе дојдоа. Оној со нарамникот се погоди исто така роднина, па го пушти товарот на земја и дојде да се поздрави со братучедите. Французите почнаа да се вознемируваат. Не разбираа ништо од тоа што се зборуваше, но како што луѓето околу нив се собираат така тие се плашеа од сопствената сентименталност поради двајцата заробеници. Селаните ништо од нив не бараа. Едноставно не разбираа. Затоа се изненадија кога ја видоа Божана како се враќа од некаде со полна фута. Таа прво им пристапи на Французите и извади од футата круши: им подаде по две. Оној со нарамникот од преплатата на џелатката извади паурче ракија и ги понуди да цврцнат. Остатокот од паурчето им го тури во матарката. Тоа го потсети Германа Марков да претрча до дома и донесе цело шише со ракија, па им ја дополни матарката и им даде да цврцнат уште по еднаш. Сето тоа војниците ги расположи, но стравот не им попушти. Макар што немаа храброст да се покажат решителни. Знаеја дека кога би се разбирале, разговорот наполно би ги оневозможил. Вака, околу нив беа неколку љубопитни селани, а повеќето, мажи, жени и деца, беа собрани околу братучедите потаму од нив. Не ги пуштаа од око заробениците, но кога видоа како оние таму се готват да одат некаде, веројатно во некоја куќа, едниот гласно рече: – Не, не! – рече и замавта со раката крената. Братучедите се свртеа кон војниците, ги погледнаа и сфатија дека ќе мораат да продолжат. Србин тогаш ѝ рече на стрина Менка: – Стрино, нема како! Стрина Менка, со очите полни солзи, се потокми, ја преврза шамијата, ја избриша устата со рака и ги подаде рацете. Прво кон Шишмана. Го фати за глава, го баци во двата образа и в чело. Го повтори тоа и со Србина. По неа се заредија да се поздравуваат со братучедите и другите, а стрина Менка се истопори пред Французите. – И вие да ми одите со здравје, – рече и двајцата ги баци в чело, исто така расплакана и меѓувремено велејќи: – Мојата милост на сина ми да му се врати и господ жив да ми го донесе. Тоа на Французите им остави толку длабок впечаток што патот кон Ливаѓе го продолжија зашеметени. Безбојниот студен сјај на езерото под патот ги одразуваше, засилувајќи ги чувствата со кои бесцелно патуваа четворица војници. Кај Гропнаришта застанаа да починат. Езерото им заблеска в очи од зајдисонцето. Братучедите еден до друг седеа скоро на патот, а Французите малку над нив. Сакаа да им се приближат, па се преместија поблизу до братучедите, во ист ред, да не изгледаат толку различни. Братучедите помислија дека ги тераат од местото па се преместија потаму од своите стражари. Си го држеа своето подредено место без оглед на сè. Шишман ја извади матарката од појасот и со ножот почна да гребе по вдлабнатата страна. Повлече прво една линија попреку, а потоа од двете страни, и нареди чаталчиња. Тоа беше фронтот од каде што доаѓаа. Потоа од едната страна нацрта кругчиња во ист ред, освен две нацртани малку подиставени од другите. Двете издвоени кругчиња беа тие двајцата, Србин и Шишман. Така ќе му покаже на малиот кога ќе се вратат дома, ако даде господ. Ти нацртав како ми е, ќе му рече, кога ми беше најтешко. За да знае. Така ќе му рече. – Што ти е тоа? – го праша Србин. – Ништо. Играчки, – рече Шишман. Сонцето кацна долу зад Галичица оставајќи алев отсјај на небото и темничиште во дното на езерото и тие станаа да продолжат кон Ливаѓе. Стасаа во омушот. Во Ливаѓе братучедите доаѓаа прв пат. Доживуваа тоа на што најмалку се надевале. Како нараснаа така посакаа едно лето на соборот на Света Петка да дојдат во Ливаѓе. Идело и старо и младо. Соборот беше толку голем што го посетуваа праматари дури од Костур и Битола. Било плипот од деца и панаѓур од женска убавина. Луѓето тука на еден ден доаѓаа и цела година раскажуваа. Братучедите една година преболуваа, другата ја чекаа пожелни. Но родителите, како заинатени, не ги пуштија. Не сте вие пусти говеда како некои, им велеа. Така сега во Ливаѓе влегуваа не само без радост, туку со клопче сеќавања под срце, клопче што колку повеќе се одвиткуваше толку повеќе се заметкуваше. Војниците ги дотераа во дворот на некоја куќа. Куќата убава, со железен балкон, сино бојосан, дворот поплочен, авлијата кружно соѕидана со камен и покриена со керамиди. Војниците ги оставија крај стражарот во дворот и влегоа во куќата. Братучедите како да се чуваа да не видат некој срам, се свртеа со грб кон врата и гледаа преку авлијата кон зајдисонцето каде што небото со стемнувањето потемнуваше добивајќи ја мрачната боја на дното на езерото. Скоро, што братучедите малку ги зачуди, наместо оние двајца, излезе некој трет, им завреви нешто, ги истурка кон чардакот над тремот од племната. Лазејќи се искачија по скалата и одозгора го погледнаа војникот што ги спобрка ваму. Тој нешто ги заплаши со рака и тие разбраа дека треба да се приберат таму. Заталкаа по темницата на чардакот, набараа некои снопови, ја најдоа вратата и влегоа во племна полна слама. Се поколебаа малку, но во темницата во којашто се најдоа не можеа да смислат ништо друго освен да си легнаат да спијат. Истргаа еден сноп ‘рженица, го преврзаа на две за перница и се кутнаа да спијат. Штом легнаа во сламата, по телата им проструи пријатност и како да почувствуваа задоволство. Но како што се смирија, така чуја дека ништо не се слуша. Во аурот долу ни коњ тупка ни вол прежива. Повремено ќе чуеја како стражарот долу во дворот се преместува од едната нога на другата. Два пати крцна траказот на вратата. Низ отворената врата од племната го гледаа крајниот горен прозорец од куќата осветлен и по сенките можеа да видат дека внатре се сноваат луѓе, но беше предалеку за да се чуе дали нешто зборуваат, па им се чинеше како оние таму да се кријат во завера. На братучедите им стануваше сè потажно. Шишман рече: – Кучиња. Не се ни поздравија. – Туѓинци, – рече Србин. Се исплашија кога начуја дека по скалите некој се качува. Се чу некоја врева. Некој нешто бараше. Нив ги бараше. Не ќе разбереа, но по гласот ги препознаа оние двајца Французи. Не се ни видоа како луѓе. Се набараа во мракот, се испофаќаа за раце. Братучедите беа збунети додека не го расебетија зборот „Оревуар“. Зашто прво нешто како бум–бум им се чу, а тоа да ти биде дека тие се враќаат назад на фронтот, еве сега ноќе, што можат кога така им е пишано ама барем да се поздрават. „Оревуар“, рекоа. – А, аревуар, – рече Србин. – Аревуар, аревуар. Со здравје, со добро… – Аревур, аревур, – рече и Шишман. Братучедите се вратија назад на сламата зачудени од исто прашање што не умееја како да го искажат. Што ли им гори на Французите под нозете та што се враќаат на фронт ноќе? Тоа се чудеа, но знаеја дека не е нивна работа. Ако тие се интересираа за толку други работи што се случуваа, а не беа нивни интерес, таа ноќ требаше да не заспијат. Зашто речиси како што прилегнаа така дворот оживеа од случување на нешто. Почнаа од секаде да се слушаат чекори што се зголемуваа во некоја растрчаност, чиниш мравјалник оживеал. Завревија могумина, некои нешто извикуваа, по улицата под куќата потекоа коли што се растропаа по камењето како свети Илија по небото да оди. Едно време Србин стана со усул, отиде до вратата. Шишман по него. Темничиштето затестено, одвај наѕираат, но во дворот многу војници освен по некои што претрчуваат. Многуте гласови идат некаде од под авлијата и како да истечуваат натаму. За кусо време пак сè стивна, а братучедите и не дочекаа. Дека изморени и од патот и од чудење што станува бргу ги фати дремка. И така што станува со нас не знаеме, си рекоа. Барем ненаспани да не останеме, си рекоа. * Шишман прв исплашено се разбуди од сонот, најдувајќи се себеси со четири нозе во сламата. Вчудоневидено, со избезумен шепот го изговараше името на братучедот Србина. Срипа веднаш по него и Србин, па во раната мугра се најдоа копечки фатени еден за друт. Се случуваше нешто многу страшно, а тие сонливи, изненадени, не можеа да сфатат ни каде се ни што се случува. Како земјата да се отвораше, а небото огнено да се истураше. Се наоѓаа среде некој татнеж од кој не се бега. Шишман веќе гласно плачеше држејќи го братучеда си како давеник сламка. Од болот што стисокот му го нанесе Србин почна да се созема, сфаќајќи дека тоа не е грмотевица како што прво помисли, туку дека топови рикаат отаде на фронтот. Пукаа по повеќе одеднаш од што прво под себе ќе почувствуваа тресок, а потоа наидуваше некој татнеж што како облак што оди по земја ги заплиснуваше, одминувајќи и јачејќи во ехо некаде по планињето зад нив и под езерото. Братучедите полека излегоа на чардакот од племната каде што мамеше бледата светлина на раното утро. Газеа внимателно како да се прикрадуваат кон нешто зашто сепак не беа сигурни дека овој татнеж е она за што тие се досетуваа. На вратата ги пресретна блесокот на езерото во муграта. Отаде, на фронтот пред нив, каде што татнеа топовите, хоризонтот беше затемнет од некои думани во кои по секој пукот од земјата никнуваше ново темничиште. Наместа од земјата избиваше оган. Потплашени братучедите се засолнија зад амбарот пред чардакот и зачекаа. Забележаа дека стражарот во дворот го нема. Тоа ги зачуди. Долго гледаа кон куќата, но никој жив не се појавуваше. Отишле, си рече Србин. Сите Французи отишле тамо во огнот, а нив, заробениците, ги заборавиле. Така си рече, но не му се веруваше. Па и може, си рече за да се убеди во тоа, зашто сме ние само двајца. Но сепак, не му се веруваше оти тоа би било премногу добро за братучедите. Како што неочекувано топовските пукоти започнаа, така одеднаш, неочекувано, стивнаа. Се чуја уште неколку задоцнети избувнувања и настапи штама. Братучедите тогаш забележаа дека на улицата под авлијата се собрале едно чудо селани и занемено гледаат кон молкот на фронтот што сите нив ги удираше в лице како некоја пареа од отворена утроба. Всушност, гласовите од зборувањето на селаните им го свртеа вниманието на братучедите кон нив. Шишман гледаше во братучедот чекајќи да чуе што ќе решат, а Србин сега повеќе гледаше во куќата за да се доувери дека француски војници нема, дека се оставени сами овде зад фронтот. Скоро се фатија како дослушнуваат одделни искажувања на селаните. Голема сила, велеа селаните. Французи се тие, велеа. Бугаринот ја пикнал опашката в газ, велеа. А какви кашави газиња беа Французите, велеа селаните. – Ах, – рече некој. – Мислиш тие се јунаците! – Ами кои? – праша некој. – Арапите. Тие. Зошто мислиш Французите влечкаа Арапи по нив. За да им го мирисаат црнилото! – Магарето на свадба носи вода, – рече друг. – Не брзајте, луѓе. Уште не се знае кој ќе победи. – Кој сака нека победи. Ние изгубивме. Братучедите се чудеа што да прават. Србин знаеше дека мора да има познати меѓу селаните, но нешто не му даваше да верува дека Французите туку-така ги оставиле сами овде двајцата бугарски војници. – Ех, – рече Шишман, – да слеземе долу во дворот како божем да сме тргнале да одиме да се измиеме на река. По подолга пауза Србин одговори: – Ама да не се фатиме на некоја јадица! – Па што да правиме? – Ни Србин не знаеше што да прават. По улицата под авлијата беше чисто од војска. Само селаните насобрани на долниот крај. Србин најпосле се реши и му даде знак на Шишмана. Се вратија во племната и дојдоа до кепенекот. Го кренаа внимателно и видоа дека гледа право долу во аурот. Легнаа помешечки и ги подадоа главите да разгледаат. Никого немаше. В десно, кон улицата, имаше прозорче. Кога се призагледаа во мракот на виделината отспротива се обележа врата. Слегоа во аурот и дојдоа до залостената врата. Полека го тргнаа лостот и подотворија, внимавајќи вратата да не закрцка. Ги подадоа главите еден врз друг и ги здогледаа селаните начичкани на долниот крај на улицата. Уште стоеја загледани натаму кон фронтот. Не се решија веднаш да излезат. Србин уште еднаш се врати горе на чардакот да не види некој војник. Никаква опасност не гледаа. – Ќе излеземе, – најпосле рече Србин. Братучедите во ова село имаа роднини. Ќе им се јават, тие ќе ги приберат, ќе им дадат да се пресоблечат и ако е со среќа ќе си одат дома. Па и ако се појави некој Француз. Ќе речат дека излегле да се видат со селаните. – А камчето, – праша Шишман. Тој не забораваше пред голема радост или пред голем страв да го праша Србина да стави камче во матарката за да му затропа додека оди и да му го чува стравот. – Камчето… – во недоумение присторе Србин. – Имај го при рака колку да ти се најде, а? – Добро, – рече Шишман. Ја напика раката во џебот од панталоните под блузата, го набара камчето и го извади. Задоволно го погледна сигурен дека го има. Дури тогаш рече: – Ајде сега. – Ајде, – рече Србин и излезе на улица. Кога излегоа на улица, се најдоа вџашени. Како непристојно брзо да излегоа. Стаписано застанаа и зачудено се погледнаа еден во друг. Како да им се приближат на оние луѓе загледани во фронтот кои никого непознат не очекуваа од зад грб. Ако им се доближат и одеднаш да им проговорат ќе биде како волк во булук овци да влегол. Застанаа да чекаат, а луѓето гледаат натаму во ништо и никој не се свртува – ни маж, ни жена, ни дете. А и вака, зад грб да им стојат, молчејќи, не им беше пријатно. Додека тие така се умееја што да прават, едно девојче ја фаќаше нешто мајка си за прцлето што ѝ паѓаше до под појасот. Жената неколку пати, како кобилата опашката кога се брани од муви, ја подаде раката назад, но девојчето не престана да ѝ додева. Жената тогаш се сврте да го фати девојчето за раменици и да го повлече пред себе, но дури откако си го врати погледот кон фронтот се сети дека нешто здогледала. Жената пребледна, пребледна и туку свика преплашено: – Талеле, луѓе, што нè снајде! Луѓето вчудоневидени се свртеа кон неа и тогаш ги видоа двајцата распашани, брадјосани бугарски војници што беа налик на сеништа. Тогаш жената со девојчето на раце, веќе врескајќи, бегаше некаде напред. – Бугарите! – рече некој па и другите загледани назад почнаа полека да одат натаму готови секој момент да спрснат да бегаат. Во исплашеноста, не можеа да видат дека се тоа двајца обични невооружени и распашани војници. Србин во последниот момент свика: – Браќа! Абре, Брезничани сме ние! Ваши луѓе! – Свои! – викна Шишман по него. Тогаш собирот се поколеба во своето истечување натаму. Братучедите со подадени раце, со молежлива лика, нога за нога, им се приближуваа. Луѓето уште не им веруваа. Никој не можеше ни да ги препознае како што беа скриени во својата забраденост. – Кои сте вие? – за среќа праша некој и се заврна еден чекор кон нив. Луѓето застанаа да видат што ќе се случи. – Брезничани! Бегани од Бугарите! Од фронтот… – рече Србин. – Јас сум Србин. Србин… – Јас сум Шишман, – рече и Шишман. – Внучињата на Гроздана, – рече оној селанец. – На Гроздана, – рече Србин. – На Гроздана, – повтори Шишман. Тогаш селаните се собраа околу нив. Вртеа глави, ги жалеа и повеќе се чудеа што да ги прашаат одошто ги прашуваа нешто, но знаеја веќе дека ова лага не е. Едно брадјосано мажиште, целиот во партали поради што изгледаше како полнета џиновска птица, се истурка меѓу луѓето напред. Им подаде на братучедите рака за добредојде и рече: – Јас сум ви најроднина овде во селово. Јас сум Коте Малјанов. Вујко, ако ме препознавате, – рече. – Вујко Коте! – рече Србин. – Така е, – рече Коте. – Сме се заборавиле од сиромаштија и од лоши времиња. Вие мене ме знаете од Медово, ама дојден сум овде откако умре мајка ѝ на жена ми. И така ни таму ништо немав. Шишман сето тоа не го слушаше. Сигурен дека дошло време пала да прави, се фати за матарката, го спушти внатре камчето што за цело време го стискаше меѓу палецот и показалецот, затропа, затропа и на матарката си ѝ рече: – Не сме биле без среќа. Богами. Најдениот вујко погледна околу во луѓето и рече: – Слушајте, луѓе! – рече и направи пауза во која провери дали добро го слушаат. – Како најроднина, сакал-не сакал, имал-немал, ќе ги земам дома да ги нахранам и да ги пресоблечам. Ама вие – нити нешто сте чуле, нити нешто сте виделе. Да се разбереме, – рече Коте. – Море гледај си работа, – рече некој. – Сега Французот ако дупнал натаму, ни очите повеќе нема да му ги видиш. Накриви си ја капата од нив оти и тие имаат куќи и фамилии дома. Доста им беше три години дремење овде. Сега од Гркот имај се на умот, оти ене проедрото го сучи мустаќот и одвај чека да му дојдат корофилаците за да ни ја крои капата. – Тоа е моја грижа, – рече Коте. – Најпосле, што сме сите ние, тоа се и тие. Дента до пладнето веќе беше сигурно дека фронтот најпосле скинал и турнал в невиделина. * Беа наседнати пред огништето во готварницата на Котета Малјанов да појадуваат: Коте и братучедите Србин и Шишман. Котевица го извади котлето со прав што се затоплуваше, тури во еден голем земјен мисур и го стави во огништето пред тројцата мажи. Котлето го остави во мијалката отспротива, од мисурникот извади дрвени лажици, им даде на секого по една в рака. Од ноќвите, од онаа страна до мијалката, извади сомун леб, ѝ го подаде на средната ќерка, Мара, да им го даде, а таа остана кај мијалката да го отплакне котлето. Коте го зеде сомунот и открши по едно парче за секого. Остатокот од пешникот ѝ го подаде на Мара и потоа тројцата засркаа од гравот, држејќи ги во едната рака коматот леб, во другата лажицата. Братучедите лакомо јадеа. Меѓу залаците, одвај наоѓајќи место, Шишман рече: – Богами, вујко, толку свет поминавме, ама вакво јадење нигде нема. Ако не се насркаш, ништо. – Да не сакате малку пипер, – праша Котевица од кај мијалката. – Може, – рече Србин. – Може, може, – рече и Шишман, – ама да имаш една сува пиперка, да ја потпечиме во огнот… Ланска. Од прозорецот, со двете окна затнати со крпи, се симна и последната ронка темнина правејќи ја видлива зачаденоста и изболвосеринетоста на стаклата. Коте ја крена главата кон прозорецот и гледајќи пред себе во јадењето рече: – Жено, девојките нека бегаат на нива да откопуваат компири. Ти што мислиш да правиш? – Ако не ви требам, – рече Котевица, – да одам и јас со нив. – Оди, – рече Коте. – Ние, еве да каснеме, ќе одиме да го ставиме мисериштето во Вртикол. Ќе чекаме да ни текне што ќе правиме та децава да си одат дома. Шишман ја подаде раката со лажицата давајќи знак дека нешто сака да каже. Кога голтна рече: – Ти, вујко, многу за нас да не се грижиш. Дај што имаш работа да ти свршиме, да ти помогнеме кога сме тука, та за нас сега лесно. Јас само една мака имам. – Што мака имаш бре внучко? – Добра ми беше матарката, – рече Шишман, – ама сега не личи да ја носам. Што велиш ти брачо? – Вујко, – се сврте Србин кон Котета, – да не имате некое кутивче тенекено, од боја или така нешто. Празно. – Кутивче! – се зачуди Коте. – Какво кутивче? Зошто вие? – Манлија сум, јас, – рече Шишман. – Затоа. – Каков манлија бре ваков здрав прав како џбитак, – рече Коте. – Се шегува, вујко, – рече Србин. – Му треба кутивче зашто во него држи едно камче. Намислил на децата да им го однесе. – Така кажи, – рече Коте. – Јас се исплашив. Види мори жено некое кутивче. Котевица цело време зачудена ги гледаше од назад. Сега рече заумено: – Не знам какво кутивче, ама да побарам. – Донеси некое, – рече Шишман, – па ќе ти кажам ако чини. Најдобро е некое од боја да имате. – Ни за иљач, – рече Котевица. – Кој обул чевел та на боја да мисли, туку да побарам. Котевица излезе да бара да не најде нешто такво некаде низ куќи, а Коте го извади ќесето со тутун и лулето од кочанка. Зеде да го полни велејќи: ––Тешко да се најде такво нешто во куќа без машки деца. Таман Коте го палеше лулето со едно гламче извадено од огништето кога некој засенчи на прозорецот. Постоја така загледан и викна: – Коте! Дома ли си бре? – Кој е? – рече Коте. – Влези, душман не си. Потоа тропна влезната врата, дојденецот се пошугали зад врата оставајќи го стапот и влезе во готварницата. Бидејќи небричен, како сите одвај се забележуваше неговата мршавост на лицето и на високата става. – Добро утро, – рече човекот триејќи ги рацете пред себе и гледајќи околу како да бара нешто. – Добро утро, Методија, – рече Коте. – Ајде, земи стол и седнувај да видиме што добро те носи? – Ех, – рече Методија, земајќи столче и приближувајќи се кон огништето да седне до огнот. – Да бев јас за добро не ќе бев момок со целата фамилија. – Ајде, ајде, не ме плаши. Кажувај. Методија се смести, ги подаде рацете над огнот и загледан пред себе во огништето присторе: – Проедрото. – Што, – рече Коте. – Почна да јаде лајна. – Ех, – рече Методија. – Тој уште ни на мрава не гази ама грчки итрини. Демек, ако е проедро, грчко ќе биде ова. Ти текнува? – Знам де, туку што ме меша мене? – Поради децава, – рече Методија. – Што поради децава? – Сега ме тераш јас тебе да те учам. Селово наше за која власт немало шпиони. Ти уште непоздравен со децава, тој веќе знаеше повеќе и од тебе. – Слушај! – подвикна Коте и малку се зауми. – Тој, знае ли оти со луѓе се живее. – Итар е Влаот, – рече Методија. – Паметиш како дојде во селото само со торбе в раце. Опинчиња поправаше, а сега и куќа и имот има, стоката до Солун си ја продава. Така им го пикнаа Грците на Французите божем за цивилна власт да им се најде додека тие си ги гледаат војничките работи. Ама што ќе правиш, тој сега стопан, јас, како што знаеше, со цела фамилија момок кај него. – И пандур, – рече Коте. – Не ме мајтапи сега и ти, – му замери Методија. – Сум ти кажувал како на свој човек: слушај ме, вели, па ако дојдат нашите пандур ќе бидеш, од плата ќе живееш. Што ми останува мене друго? – Не ти зборувам јас тоа. Да не се изродиш од народот ти велам. – Коте, – призна Методија, – ништо не се знае. На сиромавиот секој може секаква узда да му стави. Братучедите внимателно слушаа и скришум се погледнуваа. Шишман, малку вознемирен, ја имаше кренато десната пола од шајканото палто и нешто меркаше под неа. Ја пикна раката и ја покри со полата. Не изгледаше дека е сигурен во тоа што го смислува. Србин се правеше како ништо да не гледа и ништо да не слуша. Коте му рече на Методија, го праша: – Сега, што е работата? – Ништо, – рече Методија. – Те вика да ги пријавиш децава. Заедно да сте оделе. – Што да ви чинам – нема, – уште невлезена рече Котевица и кога го виде Методија подзастана. Го препозна? – Методија, ти ли си бре? Што добро вака? – Дојдов да се огреам, – рече Методија. – Добро си дошол, – рече Котевица. – Дома како сте? Што правите? – Убајна, – рече Методија. – Сполај ти. – Жено, оди ти ако одиш, – рече Коте. – Не ви требам нешто? – праша Котевица. – Не, – рече Коте. – Ами тоа пусто кутивче бре деца? – Ништо, ништо, – рече Србин и со поглед го смири Шишмана кој веднаш вознемирено го погледна. – Тогаш, јас одам, – рече Котевица и излезе. Коте, после неколку повторни палења, одвај некако го допуши лулето. Го исчука на една гламна, го извади од џебот ножот со чклен врзан за појас, го иструга лулето одвнатре и го прибра во џебот од џамаданот. Потоа ги истрга гламните од огнот, гаснејќи ги со триење и исправајќи ги во дното на огништето со загореното нагоре, па потоа со машата го запрета огништето. Зеде потоа да ги пристега опинците. Методија и братучедите го следеја молчејќи зашто знаеја дека смислува што ќе рече. Го погледна Методија право в очи. Му рече: – Слушај. За денес имам мисериштето да го ставам, да ги откопаме компирите и да ги донесеме и во племната да стасаме нешто да средиме. Да не направиме некоја беља? – Коте, – рече Методија кревајќи ги рамениците, – не верувам, ама што можам јас сигурно да ти кажам. – Тоа. И јас не верувам, – рече Коге, – па затоа станувајте, деца, да одиме, – рече и стана на нозе. По него Методија и Србин. Шишман само ја крена главата нагоре молежливо барајќи го погледот на братучедот. Србин го имаше тоа на умот. – Ајде, што чекате, – привика Коте. – Вујко, – рече Србин. – Таа матарката, каде е? – Зошто ви е матарката? – Ни треба малку. Додека да најдеме некое кутивче. – Хм, – пристори Коте изнервирано. – Што знам каде ја ставило жеништето, рече и излезе надвор. Методија, целиот во недоумение почна да ги загледува кон вратата за да види што е ова со матарката. Коте бргу ја најде и се врати подавајќи им ја како да им ја фрла. Шишман ја грабна и брзо ја стави на ременот од бечвите под палтото. Како никого друг да нема, кога ја потокми, проба како се покрива под полата и го праша Србина пикајќи ја раката в џеб: – Да го ставам, а? – Да не не треба, – рече Србин. Ни Коте ни Методија ништо не сфаќаа. Повеќе од вчудоневиденост одошто од почит ги пуштија братучедите меѓу нив први да излезат, се погледнаа и кога Коте се пресегна по клучот од надворешната врата, Методија излезе пред него. Проедросорот на чардакот кроеше опинци. Го виде одозгора долу во дворот Методија со луѓето дека доаѓа, но сепак зеде уште една фаша за расечување. Ја израмни од едната страна отсечувајќи ја колку што може кон крајот, ја посла на душемето, зеде едно парче за урнек од исечените и со него почна да мери и со ножот да бележи каде ќе ја расечува. Не се ни сврте кон луѓето да ги отпоздрави. Дека зафатен со мерењето. Овие четворицата, помирливо, се собраа над него и го гледаа како полека и внимателно мери и одбележува. Кога беше готов, рече: – Уште да ги расечам, – рече погледнувајќи во Котета и набрзина одмерувајќи ги братучедите. Со фашата в раце, му се приближи на Шишмана, му ја натопори: – Држи. Побрзо да свршиме работа, – рече со изговор својствен на Власите, што братучедите ги потсетуваше на говорот на оние Власи од бачилата брезнички. Шишман не се ни помрдна. Погледна кон Србина. Србин го поднабра челото и побрза да си го прибере погледот. Тогаш Шишман, со главата несвртена кон работата, млитаво ги подаде рацете. Проедросот скоро му ја тутна фашата в раце, а тој, кога ја почувствува, само ги стисна палците и показалците. Подметнувањето на ножот меѓу стомавот и фашата го натера да го вкопа погледот во работата. Проедросот сечеше брзо и вешто, ја префаќаше фашата, му ја туткаше на Шишмана в раце и пак го подметнуваше ножот, подавајќи ја раката како да ќе му го брцне одоздола в стомав. Шишмана тоа уплавно го скокоткаше и чувствуваше како во стомавот му станува мачно. Можеби уште едно префаќање не ќе можеше да издржи. Но Влавот веќе беше готов. Ги собра парчињата, ги потокми на купчето кај другите, ја отпаша футата, ги забриша рацете од неа и ја фрли врз отпадоците. Се исправи пред нив и сега можеа да видат дека е висок човек, малку подведнат, клифунест во носот, усните тенки и лицето издолжено. Зборуваше со тон што не се запаметува но видливо побрзо одошто усните можат да му изговарат па изгледаше како малку да пелтечи. Откако само еден момент ги погледна држејќи се со рацете под колковите како да се исправа од работата, му ја подаде раката на Котета, воедно велејќи за поздравувањата и со братучедите што беа еднакво одмерено и здржано срдечни: – Ај добредојдовте… Сигурно и вие си имавте работа како мене, ама што да правиме. Ајде, повелете дома. Луѓе сме, – рече и тргна напред оставајќи им го во ушите на братучедите влашкиот изговор што беше толку изразит. Одајата каде што влегоа беше чиста, бело варосана, суредена така што по првиот поглед да се почувствува пријатност. Окната на прозорците беа чисти, со перденца, од вратата до огништето беше послана черга, врз ковчегот под прозорецот до огништето весело шарена памучна покривка. Во спротивниот агол маса со две клупи од страните и стол на чело. Ги поведе право кон масата, го фати челното место, постоја колку да ги поподаде рацете покажувајќи им да седнат и си се смести. Седнаа и другите освен Методија, кој исчекуваше. Проедросот му рече: – Ајде Методија, кажи на жените да ни варат по едно кафе. Методија повеќе не се врати. Тогаш Проедросот му се сврте на Котета: – Коте, да не ми се лутиш. Ти знајш, – рече ставајќи ја дланката на градите, на таа страна кон срцето, – дека јас прво селото си го гледам. Власта, пак, мене ме гледа. – А ако ти дојдат Србите? – одвали Коте. – Како ќе ми биде среќата, Коте, ама на пријатели сметам. Ете ти. Ќе чуеш, ќе ми кажеш. Моето се знае – треба што побрзо пред нив да бегам. – Значи сигурно Грците идат овде? – праша Коте. – Коте, – рече Проедросот, – ти имај се на умот од двете страни. – Чекај, – рече Коте. – Дури до Брезница ли ќе фатат нашите, та што ги викаш децава? – Не знам бре Коте, – подисправувајќи се рече Проедросот. – Јас заради мојата кожа ги викам. Утре ќе дојдат корофилаците, ти ќе кажеш за нив и јас отидов. За тебе да не зборувам. – Па што да правиме сега? – праша Коте. – Затоа ве викав, да се прашаме, тефтерот да го отвориме па да видиме. – Ајде тогаш, отворај го, – рече Коте. Сега Проедросот, со рацете на масата, ги погледна братучедите и сакаше малку да земе здив пред да ги праша што ќе ги праша, но токму тоташ крцна траказот на вратата, влезе жена со послужавник в раце. Го остави послужавникот на столчето блиску до вратата и дојде до масата прво да се поздрави со гостите. Беше мајка му на Проедросот: подгрбавена, во влашка носија со бела шамија врзана згора, налик на синот но со усните посинети и некако оторбешени. Откако се поздрави со сите, им го отави кафето на масата и ги остави пак сами. Проедросот го сврте разговорот и за цело време додека го пиеја кафето ништо за братучедите не спомна. Го распрашуваше Котета за работата, за куќата, за фамилијата. – Како ти се ќериите? – го праша. – Добри се, сполај ти, – рече Коте малку како да е навреден. – Ти, Коте, – му рече овој, – не знаеш што злато имаш. На твое место јас да имам три такви ќерки, која сака власт нека дојде. – Ајде бре, – рече Коте. – Од женско добрина чекаш. – Што, тебе да не ти е лошо на стоката на жена ти! Туку друг пат, праша, ќе ти кажам ако останеме пријатели. Кој како го допиваше кафето тој му велеше „На здравје“ и му го прибираше филџанот во послужавникот. Тогаш пак ги стави рацете на масата, ги погледна братучедиге: – Демек, од Брезница сте? – праша. – Од Брезница, – рече Србин. – Ја, – пристори гласно Шишман. – Убаво, – рече Проедросот. – А што сте? – праша. – Рисјани, – рече Србин. Проедросот се насмевна: – Не ве прашувам тоа. Инаку што сте? – Инаку… – присторе Србин и се зауми. Шишман зина во него, најмногу чекајќи да чуе што ќе рече Србин, како зајак фатен во дувлото тегавејќи се продолжи: – Инаку… Инаку ние сме Македонци, – рече. Проедросот почна да ја врти главата и да ги шири рацете, гледајќи во Котета чиниш се чуди што да прави со овие што не му помагаат да им помогне. Рече: – Е аџамии деца! Гледаш ли бре Коте. Да не ти бев пријател сега каде ќе завршеше работата. – Па што се, – рече Коте. – Е Коте, Коте, – рече Проедросот станувајќи од местото. Овие сите тројца без здив го гледаа што прави. Проедросот отиде до ковчегот под прозорецот. Потоа бркна во своите муси шалварести бечви меѓу гајтаните каде што му беше џебот, ја напика надолу раката скоро до лактот и извади клуч. Го отклучи катинарот, потоа со друт клуч бравата и го крена капакот од ковчегот. Однатре извади еден голем тефтер. Го спушти капакот и дојде на масата. Го стави пред себе. Го отвори и рече: – Значи од Брезница. Од Брезница, од Брезница, – повторуваше, ги вртеше лисјето, поминуваше со показалецот од горе до долу по страницата и пак го вртеше листот додека не рече: – Од Брезница. Еве. Село Брезница, – прочита по грчки. – Поп таму е Христо Христоманос. Еленикос. Значи Грци сте. Братучедите се погледнаа, се присетија дека по село се зборуваше оти попот в црква никој не го разбира зашто немечки пеел, велеа селаните. Попот Брезничанец, ама грчки учен. На лицата на братучедите имаше и зачуденост, но и некоја светнатост затоа што најпооле дознаа што била работата со попот. – Така е, – рече Србин. – Така е, – рече и Шишман. – Гледате ли сега, – ликувајќи рече Проедросот. – Тогаш Грци сме, – рече Србин. – Нема што – Баба лаже, трап не лаже, – рече Шишман. – Напишано е: црно на бело. – Така, – рече Проедросот. – Значи, – се замеша Коте, – можат да си ја гледаат работата, – рече, зашто сè повеќе почнуваше да мисли на мисериштето и на компирите. – Е брзаш, Коте, – го опомена Проедросот. – Зошто, – присторе Коте и одеднаш збунет не знаеше што да дорече. – Ќе ти кажам, – рече Проедросот. – Сега тие да речеме ќе тргнат да си одат дома. Добро. А од Флорина наваму ќе тргнат да идат на своето корафилаците и да речеме ќе ги пречекаат. Е, им го гледаш ли сега крајот на твоите роднини? – Ја, – рече Коте фаќајќи се за брадата. Праша: – Ами чаре? – И чарето ќе ти кажам, па да знаеш оти си кај пријател, – рече и се сврте кон братучедите: – Кога мислите да си бегате? – Вечер, – рече Коте, – мислам да ги изведам од село. – Умно, – рече Проедросот. – Јас сега ќе напишам едно тескере. Тој и тој, Грци, од таму и таму. Дома си одат. Со печат, со потпис, сè. – Е па пиши тогаш, – рече Коте. – Пиши! – се зачуди Проедросот. – Ајде пиши да те видам! – Јас тоа лајно не го знам. – Е, – оптегна Проедросот. – Гледаш. Пишењето не е како копањето. Сака да мислиш, да токмиш, време бара тоа. – Тогаш кога да дојдеме? – праша Коте. – Ех, – рече Проедросот. – Знам дека си имаш работа, бериќетот се бери сега. Нема да те маткам. Ти – оди си… – А тие? – го прекина Коте. – Тие, – на брзина рече Проедросот, – ќе одат со Методија во она едно педа нивче што го имам да покопаат малку компири, а јас, штом бидам готов, веднаш ќе им го однесам тескерото. Коте си ги прелапна усните, ги стави рацете на масата и одвај се воздржа да не стане да си оди без збор. Промрморе: – Ти како ќе речеш. – Како мора, Коте, како мора, – рече Проедросот станувајќи по него. – Затоа ти гајле да немаш додека сум јас овде проедрос. Ти ќе ме чуваш мене, јас ќе те чувам тебе, – рече. Проедросот ги испрати до дворот и таму застана. Им се приближи, се пикна некако меѓу нив и доверливо им рече: – Ама меѓу нас да остане. Можам да пишам и едно тескере оти се Срби. Затоа сум ги пуштил да си одат па… Овие сите тројца се зачудија, но никако да се сетат. Проедросот доволно долго ги чекаше. Најпосле продолжи: – Па, ако сретнат Грци – грчкото тескере, ако сретнат Срби – српското. Сите тројца ги ококорија очите и од зачуденост и од задоволство. – Тогаш напиши ги. Што прашуваш, – рече Коте. – Знам, – рече Проедросот чепкајќи се зад увото – ама ова другото не е по закон. – Кој ти гледа законот бре, – рече Коте. – Луѓето треба да се спасат. – Знам, – рече Проедросот. – ама да речеме да им ги фатат двете тескериња? Тие ќе кркаат што ќе кркаат, ама и за мене куртул нема. Тројцата роднини пак се погледнаа. – Ами чаре? – рече Коте пак едно време. – Ншто, – рече Проедросот. – По едно наполеонче ако имаат, ако не – добро ќе беше, ама што да правиме. Ете, – рече Проедросот покажувајќи преку оградата од дворот отаде реката кон нивчињата на падината, – ене го Методија во нивчето. Одете со повреме, па и јас со повреме да ви го донесам тескерето. Братучедите го погледнаа Котета. – Одете, – рече Коте. – Одете, одете, – рече Проедросот. – Методија веќе зел мотики и за вас. Братучедите, како незаоран ѕевгар, тргнаа кон портата туркајќи се еден во друг од вџашеност. Проедросот потоа го потфати Котета под мишка, го поведе по нив кон портата велејќи му: – Ти, Коте, не се грижи. Ако скриле нешто, немој да ги жалиш. Ако не, никому ништо. Белки ќе имаат среќа. Зарем нема ти да се трошиш, – рече и како да го истурка низ порта. – Ајми со здравје. Поздрави дома. Како што си направивме муабет. Пет пари да не даваш. А за ќерките што ти реков памети. Друг пат напомни ми, голем ум бадијала ќе ти дадам… Коте тргна по улицата чувствувајќи шубе околу задникот. Како да се оддалечуваше од куче молкома што фаќа. Овој, си рече, далеку ќе дотера. Никој од овој крај не ќе се пожали од грчката власт. И волкот ќе биде сит и овците ќе бидат на бројот. Кога Србин и Шишман од рудината на Војник ја здогледаа Брезница долу во долината под нив, подзастанаа од што им се зеде здивот. Влажните облаци беа спуштени ниско, а ветерот го движеше сињакот околу селото, така што куќите во долината изгледаа како во вител без дно, недостижни. Се погледнаа. – Дојдовме, – рече Шишман. – Можеби и дојдовме, – рече Србин. Продолжија по стрмнината правудолу. Одвај се додржуваа на нозете што вимателно ги спуштаа на земја попреку, вкопувајќа ги колку што можат, за да не ги повлече надолнината. Шишман одеше напред. Србин зад него требаше да внимава и да не налета на Шишмана та да го турне поклопувајќи го. Како камење ќе се стркалаа надолу. Во еден момент ногата го подлага, но на време се фати за една копачка. Се додржа некако. Шишман сети како тој се зададе врз него и побрза да направи нов чекор, ама ногата му се слизна и, занесен така, потрча по сопствената тежина надолу. Каков што беше тромав на изглед, сега одеднаш, кога немаше друг излез трчаше кршкајќи надолу како да е некоја дива коза. Далеку долу, над долиштето, каде што беше обраснато со букова шума, успеа да се фати за некое стебло, се заврте околу него и ја крена раката со погледот управен горе кон Србина. Тогаш и Србин ја пушти копачката за која што се држеше и се залета надолу. Шишман, стравувајќи и радувајќи се, го гледаше како долетува надолу, со впечаток дека од брзината алиштата од него ќе му се разлетаат бегајќи му од телото. Тука, пред буката каде што го чекаше Шишман, местото малку зарамнуваше, па и Србин успеа да се фати за буката отспротива. Расмеани се погледнаа и забележаа дека веќе врне. Си рекоа да побрзаат. Влегоа во шумата кон долот под нив и веќе излегоа на дрварскиот пат, кон Бучалата. Дождот не го ни забележуваа на себе, но му го слушаа шумот во лисјето секаде околу така што им се чинеше како да одат крај некоја надојдена река. Сепак тоа ги опијануваше. Шишман почувствува толкаво задоволство, особено кога заодија по сложниот широк дрварски пат што изваде од џебот кутија за боја, стави во неа камче и ја врати во џебот. Не беше задоволен Го извади камчето од кутијата, ја испразни матарката и го спушти камчето во матарката. Раскљаканото камче во ушите на Шишман одѕвонуваше како придружба на музиката што ја компонираше дождот врз лисјето по шумата околу нив. Му рече на Србина: – Слушаш. Јас го ставив камчето. – Ако, – рече Србин. – Ама без да те прашам, – рече Шишман. – Ако, – пак рече Србин. – Друго е сега. Пред ливадите, на излегување од шумата, скршнаа нагоре да пресечат од кај црквето Арангел. Дождот почна да засилува, студен од некое ветре што повремено подувнуваше и крупните капки им ги тераше право в лице, како иглички. Уште ни до црквето не беа дојдени, кога дождот им прекисна преку капите и водата низ коса им потече во вратовите. Дождот стануваше уште посилен, како да врне пред снег. Брзаа колку што можеа. Се воздржуваа да си предложат да потрчаат. Туку што поминаа крај црквичето и Шишман одеднаш застана како закопан на место. Србин прашално го погледна. Братучедот изгледаше како преплашен. – Не се прекрстивме, – без здив рече Шишман. Брзо се свртеа назад, ги вкопаа погледите во сувиот ѕид налик на несмасен оџак, со по една камара од секоја страна и со главите собрани во рамениците брзо почнаа да се крстат. Се пропрекрстија и продолжија како да бегаат. Оздола од патот го здогледаа сењакот на Алекса Ѕвездин па се поколебаа дали да се засолнат под него, ама сфатија дека сега веќе кога се живо топило, а на неколку чекори од дома, нема смисла да се задржуваат. Продолжија по дождот што откако почна да врне најсилно што можеше, спуштајќи измаглица секаде околу, се устали во рамномерно истурање. А и тие се успокоија. Брзаа, се разбира, но не одеа како да бегаат. Така излегоа на патот што како под конец право надолу се спушташе на мостот во селото. Од двете страни беа нивје посеани со пченица што се зеленееше со сјај под дождот. Дека местото каменливо, нивјето како кутии беа преградени со високи ѕидови, а исто така и патот од двете страни беше ограден. Нигде немаше ни жива душа. Мисериштето на Трајана Пегрески, ставено на една мишка од големиот орев крај патот, изгледаше како побегнато улиште, што тука се фатило. Заодија по патот надолу со мисла пред мостот да скршнат малку по река нагоре и да се пикнат во воденицата Германова додека да наиде некој од селото за да се распрашаат што е и како е. Одеа еден крај друг, клинкајќи, потурнувајќи се. Камењата по кои се сопинаа се превртуваа тропајќи како ореви. Влегоа под оревот Трајанов и веќе го одминуваа кога одеднаш се стаписаа на место. Некој како да рече нешто. Нешто на нив како да им рече. И разбраа што им рече. По српски им рече. Зборовите изразија чудење каде тргнале по ова време. Братучедите со бавно, бавно вртење на главите како што беа застанати, скоро не дишејќи, се свртеа еден кон друг, вчудоневидено се погледнаа со ококоравени очи. Во погледите си ги видоа бездните преплашеност и почувствуваа малаксаност во колената. Заедно како по договор ги свртија главите назад, погледнаа над ѕидот под мисериштето. Немаше никого. Пак се погледнаа, проверија уште еднаш и кога сакаа молкома да продолжат забележаа дека дождот стивнал, а воздухот околу нив станал одѕвонлив чиниш и на дишење. Загледани еден во друг направија по еден внимателен чекор напред, па уште по еден и уште по еден. На третиот чекор камчето во матарката на Шишман неочекувано притропа внатре како да беше од жужгалец каснато. Шишман, додека двајцата застанаа, ја поклопи со својата шепа матарката, но во возбудата камчето пак затропа. Се најдоа како во стапица фатени од камчето. Шишман го подаде колкот и двајцата, со дланките отворени, беа вдадени кон матарката како врапче да ќе фаќаат. Сега внимателно Србин ја здобави и тамам почна полека да ја врти матарката за да може камчето со лизгање некако да излезе одвнатре, кога, оној од зад ѕидот рече на цел глас: – Шта се шуњате овде мајку вам вашу! И колкот на Шишмана и рацете на Србина од тоа затрепереа и камчето пак затропа. Немаа време да погледнат назад, Србин се прибра и со последни сили полека ја вртеше матарката додека камчето со лизгање не испадна однатре. Падна во вода завирена во коњска трага, така што ништо не се чу. Дури после забележаа дека меѓувремено дождот сосема престанал. Прво ги кранаа погледите и видоа како зад ѕидот под мисериштето се подадоа двајца српски војници. Под сплесканите шајкачи им се гледаа ширнатите лица и рамената до џепчињата на копораните. Србин го задржа погледот на едниот од нив и зина од вчудоневиденост. Досмрзна кога виде како тој, повисокиот, се подзагледа и како да си подвикна нешто од изненадување. Го препозна. Ја стави пушката на ѕидот обраснат со скреби и со двете раце се фати за камењето да го прескочи. Скокна на патот и колку што можеше побрзо пак го закопа погледот во Србина како да се плаши дека неочекувано в земја да не пропаднал. Ја остави пушката на ѕидот и, извлекувајќи ја блузата од под опасачот, им се приближи на братучедите. Застана пред нив. – Јели бре, – им рече полека и како да ќе се онесвести од вчудоневиденост. – Дали јас вас двајцата ве мобилизирав кај Власотинци или не, а? Вие сте тие едни браќа или братучеди, што бевте тргнати божем на печалба, нели? После што облековте униформи без противење како да бевте тргнати да ја барате српската војска. Па добро, мајчето ваше мајчино и сестра и прабаба до дете од половина кило, од каде сега вие овде, дома, кога ни жива душа од српската, војска уште не е демобилизирана, а?… Братучедите молчеа со чувство дека се смалуваат до стопување. Двајцата го препознаа. Тој беше. Тој што ги фати кај Власотинци кога во почетокот на војната заминаа за Влашко на печалба. Како го изора вратот сега тука пред нив! На крај патот. Толку добро ги знае што ги прашува како слика да гледа. Сега уште да ги фати дека биле бугарски војници. И да им ги најде оние две белешки од проедросот во Ливаѓе. Војникот не им бараше никаков одговор. Само ги гледаше и како да не можеше да им се донагледа, толку што му беше трпезата богата со семсекакво јадење. Потоа се сврте кон другиот војник, кој беше останат зад ѕидот под мисериштето: – Ела, Миладине. Ела. Ела, – му рече насладувачки полека. – Ела да видиш чудо невидено, – му рече. Миладин прескокна преку ѕидот и се приближи. Не тргајќи го погледот од братучедите, овој му рече пак на Миладина: – Ајде, Миладине, извади му ја од појасот онаа матарка на оној што личи на вол. Баш ме интересира да ја видам. Миладин остана незаинтересиран, но пак послуша. Му ја подаде. Овој ја разгледа матарката од сите страни, Одеднаш нешто се јадоса и туку ја фрли преку ѕидот во нивјето, Процеди низ заби: – Бугарска, Така и мислев. Потоа пак го гледаше Шишмана некое време. Го задржа погледот на него. Го меркаше нешто највнимателно што можеше од темето до табаните. Хе, присторе во еден момент и ја симна пушката од рамо. Му ја подаде на Миладина да ја придржи и се приближи кон Шишмана. Му рече ќефледиски поткревајќи ја искиснатата шајкача над челото: – Е уште празна кутија од боја за чевли ако ти најдам во џебот, да знаеш дека ќе ми олесни на душата, – му рече. Клекна пред него како на обред и му ги стави дланките на колковите па почна да го пребарува преку широките шајакни бечви. Пипајќи го полека ги спушташе рацете надолу кон дното на џебовите. И му велеше на својот другар: – Само гледај ти, Миладине. Го читам како буквар. Го гледаш колкав клапсомун, а никаде без кутивче од боја не оди. Кога ќе го прифатат, си става во неа камче да му тропа. За да го милиш будала. А на овој другиот што ти личи на јаре, тоа му е како музика. Само гледај, – рече и сепак ништо не набара. Си рече дека е тоа поради широчината на бечвите и дебелината на искрпениот шајак. Се исправи, му ја пикна раката во џепот иа колкот и, бидејќи џебовите прикрпени однатре, не го погоди џебот па му пропадна раката до над китката. Одеднаш, како да се случи нешто. Раката на војникот се смири во пантолоните, а на лицето му се појави израз на замисленост. Еден момент потоа рашири блажена насмевка. Го крена погледот кон Србина. Така расмеан, но сега веќе потсмешливо, ја изваде раката од џебот на Шишман како ништо да не било. Се исправи пред братучедите. Почна да ги трие рацете една од друга и да им вели оближувајќи се: – Така. А јас будалата за малку да се налутам на вас. Па вие сте како онаа печена гуска од приказната што јас ја најдов фрлена на мостот од богатиот за да ја најдам. Гледате, не било кому е печено, туку кому е речено, – рече и се подзаврте кон Миладина намавнувајќи му со рака. Потем одеднаш плукна во дланките, ги сотре, ги положи на колковите. Заповедно им рече на братучедите: –Слушајте сега деца: ДОЛУ ПАНТАЛОНИТЕ! – им искомандува. Братучедите ги обзеде отпор што сам од себе им проструи низ жилите. Очињата им се оѕверија, се затаија во себе како мачки пред да рипнат на жртвата, но истовремено сфаќајќи ја својата немоќ и се оладија. Беспомошно се погледнаа. Изразот на нивните лица полека почна да преминува во плачливост. – Одолговлечувате, – рече војникот и не свртувајќи се ја подаде раката назад кон Миладина. – Миладине, – рече. – Подај ми ја ти се молам пушката. Кротко ја зеде не тргајќи го погледот од братучедите, како змија пред погодок. Ја стегна под мишка, штркна со затворачот втерувајќи фишек во цевката па спокојно рече: – Ќе бројам до три! Го стегна лактот кон кундакот и рече. – Едно, – рече и зачека малку. Очите на братучедите веќе им се наполнија со молежливи солзи како на елени. Војникот со пушката не брзаше. – Две, – рече едно време. Братучедите веќе почнаа да се колебаат. Се погледнаа уште еднаш, чиниш проштевајќи се и Србин прв ги крена рацете кон гашникот. Шишман исто така. Се гледаа сочувствено и плачеа без глас како деца. Кога се фатија за јазлите уште еднаш застанаа поради бесмислена надеж да не нешто се мени. Тогаш војникот нестрпливо им свика: – Одврзувај! Братучедите веќе постапуваа како во несвест, но сепак, кога се одврзаа, ги стегнаа краиштата на гашниците, тупаниците ги слепија на папоците и како да се подвиткаа од некој внатрешен грч. Бидејќи панталоните широки, одзади им паднаа до под газовите. Сега веројатно ги држеше уште некој поривен отпор против понижуванњето. – Пуштај! – им свика тој луто и нестрпливо. Панталоните им паднаа под колена. На лицето на војникот се појави задоволна насмевка. Спокојно му рече на Миладина: – Е сега, Миладине, извади го ножот од ножницата и исечи им ги оптоките од фанелите. Ќе видиш какви амајли-гердани за жените ќе излезат од нив. Миладин го послуша макар што уште ништо не сфаќаше. Им се приближи со штикот стегнат во раката и се фати прво за оптоката од фанелата на Србина. Набара малку со раката и туку се сврте кон другарот со забите чакнати од радост. – Не се чуди, – му рече тој, – туку работи. Миладин одеднаш почна нервозно повеќе да кине одошто да сече. Не ни сети кога Шишман потоа офна од бодежот со врвот на штикот во бутината. Миладин беше вдаден по жолтата пара што му падна од оптоката на земја. Кога веќе парите му беа в раце, стегнати под срцето, назачки се повлече, сопинајќи се на камењето и сачејќи се како од грев. Другиот тогаш ја престегна пушката под мишка. Рече: – А сега да ве нема. Со ова сме потокмени. Вие плативте за дезертирањето, ние зедовме што ве пуштаме. И никому ни збор ако си мислите добро и себеси и на фамилиите. Разбрано? Ајде! Кренете си ги пантолоните да не ве гледам такви. Кренете ги кога ви велам! А сега – иш, да ве нема. Чувте ли? – и тропна со ногата топорејќи им се како на мачиња. Братучедите се свртеа еден кон друг, со накривнати глави се позагледаа се вртеа сè додека не ги слепија рамениците свртени со грбовите кон војниците па заодија така стегнати еден во друг надолу по патот како некогаш кога беа деца. Се враќаа дома само со оној со генерации несвесно очекуван повик за онаа војска и војна што ќе биде нивна, не дај боже. Војниците зад нив ги посматраа сè додека не свртеа на завојот кон селото в десно и видоа како влажните алишта на грбовите им се испаруваат сушејќи се по дождот. Времето се растргна. Меѓу облаците почнаа да се откриваат сини небески бездни. Јули 1972 БИО-БИБЛИОГРАФСКА БЕЛЕШКА ЗА АВТОРОТ Мето Јовановски – раскажувач и романсиер. Роден во с. Брајчино, Преспа, 1928 г. Завршил учителска школа во Скопје. Работел како новинар во весникот „Нова Македонија“, а потоа во Радио-телевизија Скопје како уредник на Филмската редакција. Бил претседател на Хелсиншкиот комитет во Македонија. Автор е на книгите: „Јадреш“ (раскази, 1952), „Љуман арамијата“ (роман за деца, 1952), „Мени на мојата месечина“ (кратки раскази, 1956), „Лов на пеперутки“ (роман, 1957), „Слана на цутот на бадемите“ (роман, 1967), „Земја и тегоба“ (роман, 1968), „Сведоци“ (роман, 1972), „Будалетинки“ (роман, 1976), „Патот на осамата“ (раскази, 1979), „Сечко Секула“ (роман), „Орловата долина“ (роман, 1984), „Кејовите на Менхетен“ (патепис, 1983), „Тикови“ (роман ,1984), „Крстопати на мирот“ (раскази, 1987), „Крстот, ѕвоното и знамето“ (роман за деца, 1990), „Балканска книга на мртвите / Сечко Секула“ (роман, 1992) „Роман за љубопитните“ (2003). Преведува од англиски јазик. Бил застапуван во антологии на краток расказ. Неговите дела се објавувани во странство на англиски јазик. 1